Content-Length: 195609 | pFad | http://mk.wikipedia.org/wiki/%D0%92%D0%BE%D1%81%D0%BF%D1%80%D0%B8%D0%B5%D0%BC%D0%B0%D1%9A%D0%B5

Восприемање — Википедија Прејди на содржината

Восприемање

Од Википедија — слободната енциклопедија
Восприемање

Восприемање — начин на запознавање со предметите во целина. Настануваат врз основа на сетилата, но не се нивен прост збир, туку сетилата ментално се преработуваат во централниот нервен систем и заедно со искуството на човекот го овозможуваат непосредното спознавање (забележување на предметот во целина).

Врз организмот постојано дејствуваат енергетски процеси што се нарекуваат дразби: бои, звуци, мириси, вкусови итн. Организмот ги прима дразбите преку сетилните органи. Кога дразбата дејствува, соодветниот сетилен орган (рецептор) се надразнува и создава нервни импулси, што преку нервните патишта се пренесуваат до соодветни центри во мозокот. На тој начин се формира осет. Сетилата претставуваат свест за дејствувањето на дразбите. Осетување е психички процес на спознавање на поединечните својства на предметите и појавите.

Видови сетила

[уреди | уреди извор]

Дразбите што ги предизвикуваат сетилата можат да потекнуваат од надворешноста – околината или од внатрешноста на организмот.

Надворешни сетила

[уреди | уреди извор]

Дразбите што потекнуваат од надворешноста, организмот ги прима преку надворешни рецептори – екстероцептори (тие се сместени на надворешноста од организмот). Екстероцептори се: сетилото за вид, слух, мирис, вкус и допир. Видни сетила се формираат кога врз сетилото за вид дејствува видна дразба – светлосен бран со различна бранова должина. Човекот разликува хроматски и ахроматски бои. Хроматски се оние што се наоѓаат во сончевиот спектар на бои: виолетова, сина, зелена, жолта, портокалова, црвена. Ахроматски бои се белата, црната и сите сиви нијанси меѓу нив. Различни нијанси на хроматски бои настануваат со мешање на светлосните бранови со различна бранова должина. Постојат различни видови слепила за бои. Ахроматизам е појава кога човекот гледа само сиви нијанси, а далтонизам кога не ги разликува црвената и зелената боја. Слушни сетила се формираат кога врз сетилото за слух дејствува слушна дразба – звучен бран (воздушно треперење) со различна бранова должина и сила. Човековото уво ги регистрира само оние звучни бранови чија честота се движи од 16 до 20 000 херци (бранови во секунда). Човекот не ги регистрира ултразвуците. Звуците можат да бидат шумови, тонови и зборови. Шумовите се непериодични воздушни треперења, додека тоновите и зборовите се периодични. Сетилата за слух ги поседуваат следниве својства: јачина, висина и боја. Јачината зависи од амплитудата на звучните бранови, висината од нивната зачестеност, а бојата од нивната форма. Мирисни сетила се формираат кога хемиски гасовити материи дејствуваат врз мирисниот рецептор. Мирисите се делат на: цветни (љубичица), овошни (лимон), зачински (ванила), смолести (смоли), изгорени (катран) и гнили (ѓубре). Кожни сетила настануваат по пат на дразнење на кожнените рецептори специјализирани за допир, болка, топло и ладно. Значајни се бидејќи го информираат организмот за штетни надворешни состојби (при болка во раката, човекот ја трга, кога му студи – се облекува во топло итн.).

Сетила за вкус се формираат на тој начин што материите што човекот ги става во уста се раствораат во плунката и вршат хемиско надразнување на сетилните клетки, кои главно се распоредени на јазикот. Човекот разликува четири вкуса: слатко, горчливо, кисело и солено. Врз основа на сетилата за вкус и мирис, организмите ги земаат во исхраната оние материи што се за нив полезни, а ги одбегнуваат оние што се штетни.

Внатрешни сетила

[уреди | уреди извор]

Дразбите што потекнуваат од внатрешноста на организмот се примаат преку рецептори сместени во самата негова внатрешност – интерцептори. Тие се сместе-ни во мускулите, жлездите, тетивите и другите внатрешни органи. Сетилата добиени од интерцепторите можат да бидат од два вида: органски сетила и сетила за движење и рамнотежа. Органските сетила го информираат човекот за нарушувањата што привремено се јавуваат во внатрешните органи – глад, жед, внатрешна болка, повраќање. Сетилата за движење и рамнотежа го информираат човекот за движењата и положбата на телото при различни активности: одење, трчање, лулање, труцкање, вибрирање.

Основни одлики на осетливоста

[уреди | уреди извор]

Квалитет и интензитет на осетливоста

[уреди | уреди извор]

Квалитет на осетливоста претставува определена специфична можност на едно сетило да регистрира карактеристични видови дразби. На пример, сетилото за вкус да ги регистрира четирите видови вкус.

Интензитетот на осетливоста зависи од приспособеноста на сетилата за прием на дразби со определен интензитет. Постојат интензитети што сетилата не се приспособени да ги регистрираат, па остануваат нерегистрирани. За да предизвика најслаб осет, дразнењето требада има определена минимална сила – на и над апсолутниот праг на осетливоста. Кај различни луѓе, овој праг се разликува. Човекот што вели дека јадењето е недоволно солено и во него става уште сол, има повисок праг на осетливост за солено.

Адаптација на осетливоста

[уреди | уреди извор]

На сите луѓе им е добро позната појавата дека кога ќе влезат во темна просторија, на почетокот не можат ништо да видат, а потоа се адаптираат и гледаат мошне добро. Оваа појава е наречена адаптација и подразбира промена во праговите на осетливоста под влијание на интензитетот или продолженото дејство на дразнењето. При адаптацијата доаѓа до менување на осетливоста и праговите на осетливост.

Заемно дејствување на сетилата

[уреди | уреди извор]

Меѓу различните сетила постои заемен однос. Во врска со ова се познати неколку интересни појави:

  • Слабото надразнување на еден рецептор може да предизвика зголемена осетливост на другите рецептори. Ова е познато како сензибилизација.
  • Каков ќе биде осетот многу зависи од тоа какви биле претходните сетила. Ако раката прво се стави во студена, а потоа во вода со нормална температура, тој ќе ја сетила како млака. Оваа појава е наречена контраст на осетливоста.
  • Кај некои луѓе, под влијание на еден осет, може да се појави и осет од друг сетилен модалитет. Во врска со ова е таканаречното „обоено слушање“. Слушајќи определен тон, човекот постојано има осет за некоја боја, или пак гледајќи уметничка фотографија слуша музика, чувствува миризба, на кожата осеќа топлина итн. Појавата се нарекува синестезија.
    • Кога доаѓа до загуба на едно од сетилата, поинтензивно се активира некое од другите: слепите луѓе имаат мошне развиен слух и осет за допир.

Значење на осетливоста

[уреди | уреди извор]

Осетливоста има големо значење во животот како на човекот така и на животните. Од сетилата зависи нивната ориентација во околината, приспособувањето, хранењето, размножувањето и воопшто опстанокот. Психичкиот процес осетување има големо значење во целокупниот психички развој на личноста. Осетувањето е основа за формирање на спознавањето на светот, мислењето, формирањето поими, учењето и воопшто за активноста на единката. Процесот на воспитание и образование е можен со формирањето на сетила. Равојот на нормалната осетливост е можен само во практичната дејност на едниката. Најдените „деца волци“ или „диви луѓе“ не ги осеќале дразбите онака како што е тоа случај со современиот цивилизиран човек. Постои една бидна разлика меѓу осетливоста на животните и осетливоста на човекот. И животните и човекот гледаат и слушаат, но само човекот има свесна потреба да гледа и слуша.

Восприемања

[уреди | уреди извор]

Восприемањата нè запознаваат со предметите во целина. Тие настануваат врз основа на сетилата, но не се нивен прост збир, туку сетилата ментално се преработуваат во централниот нервен систем и заедно со искуството на човекот го овозможуваат непосредното спознавање (забележување на предметот во целина). Процесот на перцепирање се одликува со три основни својства:

  • Перцептивна селекција - тоа значи дека на сетилата на човекот во еден момент дејствуваат милиони дразби. Човекот одбира на кои дразби ќе го насочи своето внимание. Одбирањето најчесто го прави според своите одлики, импресии, силината на дразбите и друго,
  • Целосност на перцепцијата - значи дека предметите и појавите се состојат од повеќе елементи, но во перцепцијата тие образуваат единствена целина,
  • Постојаност на перцепцијата - е важен услов за опстанокот на човекот во средината.

Поделба на восприемањата

[уреди | уреди извор]
  1. Надворешни - кои ја опфаќаат самата физичка организација на дразбите според блискост, сличност, симетричност, континуираност и други особини.
  2. Внатрешни - овие фактори имаат големо значење во процесот на перцепирањето:
  • Физиолошката состојба на организмот има голема улога во селекцијата на дразбите и процесот на перцепирање. Повеќе болести влијаат на сензомоторните способности, намалувајќи го или искривувајќи го перцепирањето.На пр. гладниот човек перцепира храна,жедниот во пустина перцепира вода.
  • Функцијата на сетилните органи - Познато е дека кај старите луѓе се намалува способноста на сетилата, на пример за вид, слух, мирис. Промената на работата на сетилните органи се среќаваи кај различни болни состојби кај човекот.
  • Искуство - предметите и појавите кои веќе биле во нашето поранешно искуство ги перцепираме побрзо и подобро од оние со кои за првпат се среќаваме.
  • Очекувања - влијаат на изборот на дразбите и нивната организација во целина и се тесно поврзани со потребите на човекот.
  • Внимание - колку повеќе внимание насочуваме кон некоја појава толку е подобра перцепцијата.
  • Емоции - интензивните негативни емоции (страв, гнев) доведуваат до деформирано перцепирање, а пријатните емоции со умерен интензитет се поголем услов на поточно перцепирање.
  • Влијание на социјалните услови: овој фактор најдобро се прикажува со примерот на психолозите Брунер и Гудман. На процесот на перцепирање влијаат и културата, навиките и обичаите.

Перцепцијата може да биде видна, слушна, мирисна, тактилна итн. Особено интересни политички феномени се перцепцијата на просторот и перцепцијата на времето. Перцепцијата на просторот човекот ја формира преку видот, слухот, допирот, сетилата за движење итн. Перцепцијата на време – човекот не поседува сетилен орган за време и затоа за него заклучува врз основа на различни знаци.

Фактори што влијаат врз процесот на перцепирање

[уреди | уреди извор]

Меѓу надворешните фактори особено е значајна самата физичка организација на дразбите. Човек спонтано ги организира во единствени перцептивни целини дразбите што се распределени во просторот според определени принципи. Тие принципи се: блискост, сличност, симетричност, континуираност и затвореност. Внатрешните фактори можат да се однесуваат на:

  • Физиолошката состојба на организмот. Познато е дека поинаку перцепираме кога сме заморени, кога сме гладни или жедни.
  • Поранешното искуство. Како ќе перцепираме објективно зависи и од поранешното искуство.
  • Емотивните состојби во моментот на перцепирањето. Кога се плашиме, го гледаме и она што не постои.
  • Социјалните разлики. Перцепирањето се разликува кај луѓето што живеат во различни културни, социјални и национални средини.

Сетилни измами

[уреди | уреди извор]

Сетилни измами се илузиите и халуцинациите, кои претставуваат восприемања што не се во согласност со реалноста. Кај илузиите се јавува погрешно перцепирање на објекотот што реално постои, а кај халуцинациите се јавува перцепирање на објект што реално не постои. Илузии – причините за јавување на илузиите лежат во физичките одлики на самата дразба или во личноста на перцепирачот. Во одлики на самата дразба спаѓаат: геометриски илузии, илузии на привидно движење итн. Во личноста на перцепирачот се: мотивација, очекување, подготвеност, интереси, емооции, ставови итн. Овие се поединечни илузии, но постојат и масовни илузии. Најдобри примери за масовна илузија се наводните појавувања на НЛО.

Халуцинации – причините за нивно јавување лежат во некои ненормали процеси штои се одвиваат во нервниот систем, најчесто во личност со нарушено здравје. Можат да се јават под влијание на висока температура, напор, несоница, психичко заболување, употреба на дрога, алкохолизам итн. Меѓу илузиите и халуцинациите постои битна разлика. Кај илузиите постои надворешна дразба која погрешно се перцепира, а кај халуцинациите не постои надворешна дразба, а човекот што халуцинира е убеден дека таа реално постои.

Растројства на восприемањата

[уреди | уреди извор]

Се растројства на восприемањата каде што постои невозможност од препознавање на примените осетни дразби, при што се зачувани периферните, сетилни и аферентните и еферентните нервни патишта. Постојат визуелни (оптички), слушни (акустички) и допирни (тактилни) агнозии, кои се јавуваат при органски оштетувања на мозокот.Оштетувањето на одредени области на мозочната кора можат да доведат до проблеми во перцепцијата,посебно на визуелната перцепција ако оштетувањето е во тиланта (окципитанлна) регија.Луѓето со вакви оштетувања имаат т.н. визуална (видна) агнозија:тие гледаат (нивното сетило за вид т.е патот за гледање е нарушен),но не разбираат ниту што гледаат.Тие не се во можност да ги препознаат секојдневните предмети само со гледање туку за да погодат кои се тие предмети мораат да ги допрат.Оштетување на делови од париетланиот кортекс,посевно на задните подрачја,доведува до пореметување на просторната перцепција.Такво оштетување е еднострано визуоспацијано (видно и просторно) занемарување -пациентот занемарува половина од светот кој го опкружува.Имајќи предвид дека оштетувањето најчесто се лоцира во десниот заден париетален кортекс,пациентот ја занемарува реалноста од неговата лева страна.Така пациентие се судруваат со предмети кои се наоѓаат на нивната лева страна,ја шминкаат само десната страна на лицето,ја цртаат десната страна на цртежот и ја јадат храната на десната страна што се наоѓа во чинијата.

Се растројства на восприемањата што придонесуваат за погрешно препознавање на перцепираните предмети и појави. Значи, тие се искривени и погрешни восприемања на надворешни објекти. Илузиите кои се најчесто резултат на навики, однесувања, сугестии или несвесни мотивации, често се нарекуваат активни илузии. Пасивните илузии се резултат на несовршеностите во функцијата на одредени осетни органи. Уште се нарекуваат и неопходни, природни затоа што овозможуваат функционирање на човекот во одредени ситуации. Кај илузиите на Милер и Лејер, линиите распоредени како зраци предизвикуваат сегментот АБ да изгледа подолг од сегментот ЦД иако двата сегмента се со иста должина. Во илузијата Понзо (Ponso)горната хоризонтална линија изгледа подолга од долната иако се со иста должина. Ејмсовата соба е конструирана, така да изгледа дека двете жени се на исто растојание од камерата, но жената која се наоѓа лево е подалеку од камерата. Како посебен вид искривено перцепирање се таканаречените параидолии, кои претставуваат илузии што настануваат под дејство на фантазматични идеи и кои се во вид на фантастични сликисо прилична јасност (човечки фигури, кога се перцепира небото, морскиот песок и слично.

Ејмсовата Соба (Конструирана од офталмологот Адалберт Ејмс)

Халуцинации

[уреди | уреди извор]

Се такви растројства на восприемањата каде што постои перцепција без дразба. Тие се лажни восприемања од страна на сите 5 сетила. При халуцинациите не постои надворешен стимулус, па така личностa „гледа" куќа која во реалноста не постои. Халуцинациите можат да бидат предизвикани и од земање на одредени дроги. Кај лажните халуцинации (псевдохалуцинации), субјектот е критичен за нивната реалност, меѓутоа и покрај тоа тој ги доживува. Халуцинациите се јавуваат во сферата на сите сетила, па оттаму можат да се поделат на: оптички, акустички, тактилни, мирисни, ценестетички, густативни и вестибуларни халуцинации.

Претстави

[уреди | уреди извор]

Претстава е ментална слика на објект или појава што некогаш биле перцепирани. Одлики: Иако мошне често се мешаат со восприемањата, претставите имаат некои битни одлики со кои се разликуваат од нив:

  • Претставата е побледа и помалку жива ментална слика на објект или појава.
  • Претставата е резултат од човековиот волев напор. Таа може намерно да се повика и да се менува по волја.
  • Психичката насоченост е наполно различна во обата случаи. Кај перцепцијата, насоченоста е кон надвор (надворешниот свет), а кај претставата е кон внатре (сопствените психички појави).
  • При перцепирањето постои свест дека перцепираниот објект или настан е присутен во реалноста во моментот, додека при претставувањето постои свест дека претставениот објект или настан не е присутен во моментот и дека се одиграл некогаш порано.

Видови претстави

[уреди | уреди извор]

Во зависност од учеството на сетилото, претставите можат да бидат: видни, слушни, мирисни, вкусни, претстави на движење итн. Кога си претставуваме цвет од ружа, во мислите гледаме како изгледа цветот – ливчиња, гранче... и ја чувствуваме миризбата, допирот, убодот итн. Претставите можат да бидат поединечни и општи. Поединечна е онаа претстава што е ментална слика на конкретен предмет или појава од искуството. (претстава за Охридско Езеро) Општата претстава ги одразува општите особини на некои појави или објекти. (езеро).

Важноста на претставите во практичниот живот

[уреди | уреди извор]

Првите претстави се формираат во играта, потоа тие се развиваат со учењето, и се усовршуваат во трудот а особено висок степен на совршенство постигнуваат во творечката работа. Во процесот на воспитувањето и образованието, претставите играат мошне значајна улога. На пример, детето ги реди играчките според претставата што ја има за изгледот на својата соба кога е уредена. Исто така, претставите се поврзани со дејноста на човекот.

Внимание

[уреди | уреди извор]

Вниманието претставува психичка состојба на насоченост и сосредоточеност на спознанието врз определен објект или појава. Без внимание невозможно е да се одвиваат голем број психички дејности.

Одлики на вниманието

  • Концентрација ¬– степен на насоченост и сосредоточеност на вниманието.
  • Траење на вниманието – да се задржи вниманието определено време.
  • Стабилност на вниманието – упорност да се задржи сосредоточеноста, и покрај сите колебања.
  • Еластичност на вниманието – можноста брзо да се префрли вниманието од еден објект или појава, кон друг.
  • Расеаност на вниманието – неможноста да се сосредоточи на еден објект или појава. Причините за расеаност се слабост или болест на организмот, замор, недоволен интерес итн.

Фактори од кои зависи вниманието

[уреди | уреди извор]

Постојат надворешни (одлики на објектот на внимание) и внатрешни (одлики на оној што внимава) фактори. Надворешни се интензитетот на дразбата, нејзината невообичаеност, промена итн. Внатрешни се: мотивите, интересите, ставовите способностите, навиките итн.

Видови внимание

[уреди | уреди извор]
  • Ненамерно внимание е она што се јавува неволно, без претходна желба и определена цел.
  • Намерно внимание е она што се јавува со претходна желба и цел.
  • Посленамерно внимание е најсовршениот вид внимание.

Развој на вниманието

[уреди | уреди извор]

Наједноставен вид внимание се јавува кај детето уште во првата година од животот. Сè до училишната возраст, детското внимание е главно ненамерно. На училишна возраст веќе се јавува намерно внимание, кое со понатамошниот развој станува сè позастапено.

Важноста на перцепцијата и вниманието во животот на човекот и во педагошката практика

[уреди | уреди извор]

Човекот не би можел да живее во заедница со други луѓе, бидејќи не би бил способен за социјална перцепција – набљудување и проценување на другите луѓе, нивните постапки, способности, чувства, карактерни особини итн. Од ученикот се бара внимателно да набљудува. Наставникот треба да внимава на психичките одлики на учениците со оглед на нивната возраст. Во текот на наставата, кај учениците се јавуваат два вида внимание: поединечно и колективно. Поединечно е кога ученикот сам внимава, а колективно кога сите ученици внимаваат.









ApplySandwichStrip

pFad - (p)hone/(F)rame/(a)nonymizer/(d)eclutterfier!      Saves Data!


--- a PPN by Garber Painting Akron. With Image Size Reduction included!

Fetched URL: http://mk.wikipedia.org/wiki/%D0%92%D0%BE%D1%81%D0%BF%D1%80%D0%B8%D0%B5%D0%BC%D0%B0%D1%9A%D0%B5

Alternative Proxies:

Alternative Proxy

pFad Proxy

pFad v3 Proxy

pFad v4 Proxy