Прејди на содржината

Љупчо Георгиевски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Љупчо Георгиевски
Премиер на Република Македонија
На должноста
30 ноември 1998 – 1 ноември 2002
Претседател Киро Глигоров
Борис Трајковски
Претходник Бранко Црвенковски
Наследник Бранко Црвенковски
Претседател на ВМРО-ДПМНЕ
На должноста
17 јуни 1990 – 13 мај 2003
Наследник Никола Груевски
Претседател на ВМРО-НП
На должноста
4 јули 2004 – денес
Лични податоци
Роден(а) 17 јануари 1966(1966-01-17)(58 г.)
Штип, СР Македонија
Државјанство македонско и бугарско
Партија ВМРО-ДПМНЕ (1990–2003)
ВМРО-НП (2004–денес)
Сопружник Снежана Георгиевска
Деца 1
Установа Св. Кирил и Методиј

Љупчо Георгиевски[1] или Љубчо Георгиевски[2] (бугарски: Любчо Георгиевски; 17 јануари 1966, Штип) — македонски политичар и писател.

Георгиевски е првиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, на таа функција е од основањето на партијата во 1990 година до 2003 година. Од февруари до октомври 1991 година е потпретседател на претседателот на Македонија. Од 1998 до 2002 година е премиер на Македонија.

Тој е актуелен претседател на политичката партија ВМРО-НП.

Животопис

[уреди | уреди извор]

Љупчо Георгиевски е роден на 17 јануари 1966 година во Штип, тогаш во СР Македонија, СФР Југославија, но родум е од Делчево. Во 1989 година дипломира на групата за општа и компаративна книжевност на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 1988 година го објавува неговото прво публикувано писателско дело, рок-поемата „Апокалипса“.[3]

Георгиевски е еден од основачите на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. На основачкото собрание на 17 јуни 1990 година е избран за претседател на партијата. Истата 1990 година е избран за пратеник во првиот состав на плуралистичкото Собрание на Република Македонија.[3]

На 1 февруари 1991 година е именуван за потпретседател на претседателот на Република Македонија, но поради политички разминувања со претседателот Киро Глигоров на 22 октомври поднесува оставка на оваа функција, а на 24 октомври ВМРО-ДПМНЕ преминува во опозиција.[3]

Во јули 1992 година, откако Собранието изгласува недоверба на експертската влада на Никола Кљусев, претседателот на Републиката го доверува мандатот за состав на нова влада на Георгиевски, но мандатот е вратен.[3]

Премиер на Македонија

[уреди | уреди извор]

ВМРО-ДПМНЕ победува на парламентарните избори во 1998 година, коалицира со Демократската партија на Албанците и ја формира новата влада, при што Георгиевски е избран за претседател на Владата на Република Македонија.[3]

На 10 февруари 1999 година потпишува договор со Бугарија. Во февруари истата година неговата влада ја признава Република Кина (Тајван) и поради тоа Народна Република Кина ги прекинува дипломатските односи со Македонија, го повлекува нејзиниот амбасадор од Скопје и во Советот за безбедност на Обединетите нации става вето за продолжувањето на мандатот на УНПРЕДЕП, чија мисија во Македонија следствено завршува на 29 март и е заменета со сили на НАТО. Во мај ја предводи македонската делегација на првото заедничко македонско-бугарско чествување на Свети Кирил Солунски на неговото почивалиште во Рим. На 16 јуни се среќава со Хашим Тачи, водач на Ослободителната војска на Косово, со што, според некои автори, неформално ја признава власта на тогашната самопрогласена Република Косово. На 5 јули со поголема државно-стопанска делегација го посетува Тајван. Во декември 1999 година е извршена реконструкција на владата. Во овој период предизвик за неговата влада е и бегалската криза предизвикана од Косовската војна, кога при бомбардирањето на СР Југославија од НАТО околу 350.000 Косовци се засолнуваат во Македонија.[3]

На 13 август 2001 година Георгиевски е еден од потписниците на Охридскиот рамковен договор, изработен за да се заврши вооружениот конфликт во Македонија предизвикан од Ослободителната народна армија.[3]

По параментарните избори во 2002 година, во ВМРО-ДПМНЕ следува период на внатрепартиски превирања, при што за претседател на партијата е избран Никола Груевски. Во 2004 година, по несогласувања со политиката на Груевски, Георгиевски се повлекува од ВМРО-ДПМНЕ и се истакнува како неформален водач на новоформираната ВМРО-Народна партија. Георгиевски одново е пратеник во Собранието.[3]

Во 2006 година, Георгиевски добил бугарско државјанство[4] со што во Македонија и Бугарија предизвика бројни полемики за вистинските мотиви за ваквиот чин. Самиот тој се дефинира како бугарофил.

На парламентарните избори во јуни 2011 година, како носител на гласачка список на партијата ВМРО-Народна партија, освоил 1,300 гласови, што бил негов најслаб резултат, освојувајќи помалку гласови дури и од тогашниот претседател на ВМРО-Народна партија.

Во јуни 2012 г. ја објавил својата автобиографска книга „Тоа сум јас“, во која говори за својот личен живот и политичка кариера.[5] Георгиевски, констатира во книгата метафорично, дека „Македонците се најголеми фалсификатори на балканската историја“ и дека ќе го „проколнат мајчиното млеко затоа што се откажале од св. Климент и св. Наум“. Тој остро ја критикува спроведуваната бугарофобска политика на Груевски, кого го дефинира како србофил. Георгиевски го оценува наметнатиот процес на антиквизација во земјата како карикатура, а проектот "Скопје 2014" како "Дизниленд на Балканот.

Библиографија

[уреди | уреди извор]
  • Апокалипса, Скопје, 1988, рок-поема
  • Град, Скопје, 1991, роман во стихови
  • Директни интервенции со кратки раскази во анатомската структура на историјата, Скопје, 1994, раскази
  • Новата влада и политичките промени во Република Македонија, Скопје, 1999
  • Остварување на вековниот сон, Скопје, 2001
  1. Правопис на македонскиот литературен јазик XVI издание, Б. Видеоски и други, Просветно дело, Скопје, 2007, стр. 84, § 191
  2. Оваа верзија на името е според бугарскиот правопис, односно за разлика од македонскиот кај бугарскиот јазик нема изедначување на согласките по звучност, па така согласката „б“ не се менува во „п“
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 3,7 Македонска енциклопедија, том I. Скопје: Македонска академија на науките и уметностите. 2009. стр. 349. ISBN 978-608-203-023-4.
  4. Агенция за българите в чужбина. Издаване на удостоверение за български произход. Архивирано на 29 јануари 2008 г. (бугарски)
  5. „Тоа сум јас“, нова книга на Љубчо Георгиевски Архивирано на 2 септември 2012 г.; преземено од Плус Инфо, 25.06.2012

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]
Политички функции
Претходник
Бранко Црвенковски
Премиер на Република Македонија
1998–2002
Наследник
Бранко Црвенковски
Партиски функции
Претходник
Претседател на ВМРО-ДПМНЕ
1990–2003
Наследник
Никола Груевски
pFad - Phonifier reborn

Pfad - The Proxy pFad of © 2024 Garber Painting. All rights reserved.

Note: This service is not intended for secure transactions such as banking, social media, email, or purchasing. Use at your own risk. We assume no liability whatsoever for broken pages.


Alternative Proxies:

Alternative Proxy

pFad Proxy

pFad v3 Proxy

pFad v4 Proxy