Прејди на содржината

Омуртаг

Од Википедија — слободната енциклопедија
Омуртаг
Хан на Бугарија
На престол814–831
ПретходникКрум
НаследникМаламир
ДецаЕнравота
Звиница
Маламир
ДинастијаКрумова династија, најверојатно Дуло
ТаткоКрум

Хан Омуртаг (грчки: Μορτάγων[1], Ομουρτάγ[2], литвански: Omurtag) — средновековен бугарски владетел, син на хан Крум. Со Бугарското Царство управувал од 814 до 831 година[3]. Водел успешни војни на северната граница со Франките. Ги проширил границите на Бугарија до Срем и Панонска Хрватска.[3]

Први години

[уреди | уреди извор]

Изворите за причината за смртта на ханот Крум, како и неговиот наследник се мали и дискутабилни. Се смета дека по смртта на Крум, во земјата настапил краток период од неколку месеци на политичка нестабилност. Изворите споменуваат за тројца бугарски владетели за периодот од 814 до 816 година - Дукум, Диценг и Цог. Постојат неколку хипотези за улогата на овие големци. Така, според првата овие тројца биле крумови војводи со важна улога во развојот на настаните[4], според втората тие биле регенти на малолетниот Омуртаг и според третата тие биле узурпатори на престолот. Бидејќи е невозможно да се утврди точно што се случило, како компромисно решение дал бугарскиот професор Васил Ѓузелев, според кој Омуртаг го наследил својот татко по кратки немири во државното управување.

Надворешна политика

[уреди | уреди извор]
Бугарија во 814 година

По ненадејната смрт на хан Крум, голем број на бугарски војници останале во Тракија, каде продолжиле да ги бранат стратешките позиции. Бугарите продолжиле со воените дејствија во 814 - 815 година, отфрлувајќи го византискиот предлог за мир. Тоа го принудило на византискиот цар Лав V Ерменец во зимата 815 - 816 година да организира морски поход во кој бугарските сили биле поразени кај Несебар, и со тоа византиските сили отвориле нов воен фронт, по оној во Тракија[5]. Со следните дејствија Византијците успеале да си ги вратат најважните тврдини во Источна Тракија.

Освен гореспоменатиот напад, Византијците презеле и други мерки против Бугарите. Во почетокот на 814 година византиски емисари биле прифатени од царот на Франките, Лудвиг Побожниот. Според западните летописци, целта била да се направи сојуз меѓу двете држави, насочен против Бугарија. Не се знае дали се стигнало до унија, но се претпоставува дека Франките не се обврзиле со конкретни активности. Сепак, веста за преговорите меѓу двете империи стигнала до Плиска. Така во 815 година бил склучен мировен договор меѓу двете земји. Делови од овој договор се наоѓаат во т.н. Сулејманкојски натпис. Договорот се состоеил од 11 клаузули, но денеска се зачувани само првите четири:

  • Првата клаузула ја одредува границата во Тракија. Таа започнувала од црноморското крајбрежје кај Девелт и преку Еркесија продолжувала кон Хасково на реката Марица и оттаму - кон Родопите и Стара Планина, но без да ги вклучува Пловдив и неговата област;
  • Втората клаузула го уредува прашањето за Словените кои живееле во границите на Византија.
  • Третата клаузула го уредува прашањето за Словените од приморските области.
  • Четвртата клаузула ја регулира размената на заробениците.
Омуртаг го напаѓа Тома Славјанинот

Овој договор се покажал исклучително корисен за Бугарија, бидејќи земјата имала потреба од мир. Војската била изморена, престолнината Плиска се наоѓала во урнатини, а и самата Византија не претставувала повеќе закана за Бугарите. Договорот бил склучен за период од 30 години и бил почитуван и од двете страни. Истиот бил обновен со доаѓањето на новиот византиски цар Михаил II. Тоа можеби било продиктувано од размената на заклетвените ритуали меѓу двајцата владетели (Лав V требало да се заколне на паганските обичаи, а Омуртаг - по христијанските). Во 823 година избувнал бунтот на византискиот војсководец Тома Славјанинот кој започнал со опсада Цариград со војниците со цел да се искачи на византискиот престол. Омуртаг му дал воена помош на царот Михаил II и ги нападнал бунтовничките трупи во грб. Активностите на бугарскиот владетел се или во согласност со клаузула од склучениот во 816 година мировен договор, или на лична иницијатива на ханот.

Внатрешна политика

[уреди | уреди извор]
Портата на тврдината Плиска

Во внатрешната политика Омуртаг успеал да ја доврши административната реформа започната од неговиот претходник Крум. Со тоа конечно бил ставен крај на автономијата на словенските племиња.

Градителска активност

[уреди | уреди извор]

Омуртаг во бугарската историја останал познат со своите градежни дејности кои придонеле за развојот на Плисковско-преславската култура. Зачувани се голем број на извори и натписи кои сведочат за обновата на престолнината Плиска која била разрушена од византискиот цар Никифор, како и за изградбата на нова палата со престолна соба, како и неколку палати и тврдини.

Во Трновскиот натпис кој му припаѓа на Омуртаг пишува[6]:

Човек и добро да живее, умира и друг се раѓа по него. Нека родениот подоцна, кој го гледа овој натпис, да си спомне за оној што го направил. А името на архонтот е Омуртаг канас у биги. Нека Господ Бог да го удостои да доживее сто години.


Прогонство на христијаните

[уреди | уреди извор]
Христијански прогони

Во времето на Омуртаг, како последица на територијалната експанзија, во пределите на Бугарија попаднале и голем број на словенски христијани. Прогонството против христијаните во Бугарија во 9 век според некои извори било од верска и од политичка причина[7][8], бидејќи Словените се сметале за сојузници на византиското влијание во земјата. Објаснувањата околу овие настани можат да бидат проследени со житието на Теофилакт Охридски посветено на Светите Петнаесет тивериополски маченици, каде се тврди дека Енравота - еден од синовите на Омуртаг ја прифатил новата вера.

Омуртаг починал во 831 година и бил наследен на престолот од третиот син Маламир († 836), бидејќи првородениот син Енравота (или Бојан) бил лишен од престолот поради прифаќањето на христијанската вера, а вториот син - Звиница, починал многу млад. Причините за смртта на Омуртаг се нејасни. По неочекуваната негова смрт се појавил слух, според кој владетелот бил убиен од еден свој големец. Некои научници, како полскиот византолог Т. Вашилевски, го прифаќаат ова тврдење.

Во продолжение на скоро едно столетие во историската наука се водело спор за местото на гробот на хан Омуртаг. Тоа довело до појава на голем број хипотези. Првите од нив се појавиле во врска со Трновскиот натпис на владетелот и претпоставката дека гробницата била изградена уште пред неговата смрт. Таму е опишано дека бил изграден т.н. Преславски дом, на средина на растојанието помеѓу него и Плиска била изградена могила. Професорот Васил Златарски објаснува дека грчкиот збор "τουμβαν" од натписот одговара не само на могила, туку и на гроб[9]. По извршените археолошки ископувања во Могила, истата била откриена и денеска истата се нарекува Омуртагова.

  1. Теофан Продолжител, p.64; Георги Кедрин
  2. Мадарски натписи, Inscriptions of Madara", Inscription No.64. Retrieved 10 April 2012.
  3. 3,0 3,1 „Трновски натпис на хан Омуртаг“. Архивирано од изворникот на 2011-10-04. Посетено на 2012-05-21.
  4. Павлов, Пл. - „Бунтари и авантюристи в средновековна България“, ел. издание, ЕИ "LiterNet" Варна, 2005
  5. Гюзелев, Васил, история на Средновековна България VII — XIV век, Том I, Дял втори : Езическа България, Анубис, С., 1999, стр. 145
  6. Бешевлиев, Веселин, Прабългарски епиграфски паметници, Издателство на Отечествения фронт, С., 1981, стр. 123
  7. Павлов, Пл. - „Бунтари и авантюристи...“, ел. издание
  8. Според Житието на Св. 15 Тивериополски маченици, наследникот на Омуртаг и негов син Маламир му наредил на својот брат Енравота да се оддалечи од христијанството или ќе биде погубен
  9. Златарски, В. - „История на България през средните векове, Т. 1, Ч. 1 Епоха на хуно-българско надмощие“, АИ "проф. Марин Дринов", С., 2002, с. 327, 447

Литература

[уреди | уреди извор]
Претходник
Крум
Кан на Бугарија
814–831
Наследник
Маламир
pFad - Phonifier reborn

Pfad - The Proxy pFad of © 2024 Garber Painting. All rights reserved.

Note: This service is not intended for secure transactions such as banking, social media, email, or purchasing. Use at your own risk. We assume no liability whatsoever for broken pages.


Alternative Proxies:

Alternative Proxy

pFad Proxy

pFad v3 Proxy

pFad v4 Proxy