Прејди на содржината

Ориген

Од Википедија — слободната енциклопедија
Ориген
Ориген насликан во ракопис од о. 1160 г.
Роден(а)ок. 184
верој. Александрија, Египет
Починал(а)ок. 253
верој. Тир, Феникија (денешен Либан)
УстановаАлександриска богословска школа[1]
Значајни делаПртив Келс
За начелата
Периодантичка филозофија
хеленистичка филозофија
Подрачјезападна филозофија
Школанеоплатонизам
Александриска школа
Претежна дејност
Значајни идеи

Ориген Адамант (184/5 – 253/4 г.) — ранохристијански теолог, еден од апологетите на Црквата, кој го толкувал Светото писмо со помош на алегоричниот метод.[3][4]. Во тогашниот процут на гностицизмот, Ориген понудил алтернативен христијански систем кој бил поригорозен и филозофски поприфатлив од тогашните митолошки спелкулации во гностичките секти. Во текот на 5 и 6 век неговото учење било испитувано во голема мера, бидејќи верувал во предегзистенцијата и селбата на душите и апокатастисот (грчки – αποκαταστασις, што значи враќање на душите во првобитна состојба). Сите овие негови учења се отфрлени како еретички од страна на Светите Отци на Црквата и биле анатемисани на Петтиот вселенски собор во 553 г. Во Цариград, а тој бил посмртно екскомунициран од Црквата. Поради овие учења, Ориген никогаш не бил канонизиран од страна на Црквата. Затоа што некои од неговите учења (на пример дека секој маж и жена, па дури и ѓаволот и неговите демони, во крајна линија ќе бидат спасени) се директно противречни на учењата и делата на апостолите. Ориген бил плоден писател во повеќе гранки на теологијата вклучувајќи текстуални критики, библиска егзегеза и херменевтика, филозофска теологија, проповеди и духовност. Поради ова тој бил еден од најголемите библиски схолари на раната Црква, пишувајќи коментари за повеќето книги од Библијата. Тој го толкувал Светото Писмо буквално и алегорично. Се стекнал со видно филозофско образование, и затоа некои од неговите учења биле со нео-платоновски и нео-питагорејски карактер.

Ориген е роден во Александрија, околу 184/5 г. од христијански родители. Бил поучуван од неговиот татко Леонид од Александрија, кој му овозможил образование за старо-грчката култура, и истовремено го поучувал за Светото Писмо. Според христијанскиот историчар Евсевиј, се смета дека тој учел во Катехетската школа во Александрија, каде што предавал Климент Александриски. Ориген живеел со духот на ригиден испосништво, и следејќи го стихот во Евангелието според Матеј 19:12, тој буквално се кастрирал себеси, според пишувањата на Евсевиј. Во неговиот живот тој посетил многу места, вклучувајќи ги Рим (211-212), Ерусалим, Египет и др. Ориген живеел во времето на големите прогони на христијаните во Римското Царство, и тоа резултирало со негова смрт во времето на цар Дециј во 253/4 г. Според пишувањата на Евсевиј, Ориген страдал во занданите на цар Дециј, и умрел три години после страдањата.

Неговото најпознато дело е „За начелата“[5] и во него се содржи целото негово филозофско и теолошко учење. Ова дело е напишано најверојатно за неговите понапредни ученици и се сочувани само фрагменти на старогрчки. Во првиот дел на книгата авторот говори за Бог, Логосот, Светиот Дух, причината и ангелите, во вториот дел за човекот и светот (вклучувајќи ги и овоплотувањето на Логосот, душата, слободната волја и есхатологијата), во третиот за доктрината на гревот и искупувањето, и во четвртата за Светото Писмо. Книгата е напишана со обид да го претстави христијанството, како целосна теорија на универзиумот и е дизајнирана за да им помогне на верниците да ги отстранат тешкотиите кои се однесуваат на основните бази на нивната вера.

Философскиот систем на Ориген

[уреди | уреди извор]

Оттуѓување на душите

[уреди | уреди извор]

Ориген, наводно обучен во школата на Климент Александриски, долго време се смета за есенцијален Платонист, со траги од стоичката филозофија. Неговата космологија е сложена. Тој ја држи хипотезата за пред-егзистенција на душите, односно пред овој свет што го знаеме денес, Бог создал голем број на духовни интелегенции односно „чисти умови на Небесата“, кои имале почеток, но не временски. Тој објаснува дека бројот на овие интелегенции е нужно ограничен, бидејќи бесконечната творба ќе биде недостојна за бесконечноста на Бог. Овие души првенствено биле создадени близу до Бога, со намера да ги истражуваат Божествените Тајни преку контемплацијата на Неговата љубов. Тие се измориле од ова интензивно созерцание, и нивната љубов се намалила што придонело до раскинување на нивната врска со Творецот. Тие паднале во состојба на сопствена егзистенција и оттуѓеност, и така се создале ангелите, демоните и човекот.

Овој пад не смее да се сфати во смисла, на несовршената природа на духовните ингелегенции, бидејќи Бог е совршенство, и од Него не може да произлезе нешто несовршено, туку како резултат на злоупотреба на најголемиот Божји дар – слободата. Тие кои ја изгубиле љубовта кон Творецот станале демони, тие на кои умерено им се намалила љубовта, станале човечки души кои потоа се инкарнирале во телата, и тие на кои љубовта најмалку им се намалила станале ангели. Но едниот, кој останал совршено посветен на Бог, преку Неговата љубов станал едно со Логосот. Тоа била душата на Христос, која според Ориген го имала истиот потенцијал за заедничарење со Него, како и другите души. Тоа што го двоело од другите души, бил Неговиот врховен чин на слободната волја, кој останал ангажиран во божественоста. Логосот евентуално заземал човечко тело и е роден од Дева Марија, станувајќи Богочовекот Исус Христос.

Тој со ова ги објаснува различните услови во кои човечките суштества се раѓаат, во зависност од нивната преегзистенцијална состојба. И така неправедноста во светот (се мисли на тоа како некои се раѓаат здрави, други болни, едни богати а други сиромашни итн.) тој ја објаснува како нус–производ на слободната волја на душите. Тој со ова говори дека материјалната творба е пониска онтолошка категорија од духовната, и го нагласува незначењето и распаѓањето на телата после смртта. Исто така говори за тоа дека кога душата ќе постигне спасение, таа се враќа во првобитната состојба на „чист ум“ и телото станува „духовно“ кое е направено од најчистиот оган.

Тринитарниот и христолошки проблем

[уреди | уреди извор]

Ориген ја започнува својата книга со опишувањето на начелата, во типичен Платоновски стил за божествената хиерархиска тријада, но наместо на повикување на Платоновските монада, дијада и светска душа, тој се повикува на „Татко“, „Христос“ и „Свет Дух“. Првиот од овие начела - „Отецот“ е совршено единство, завршено во Себе и е без тело, инкорпориран – чист духовен ум. Ориген во почетокот од „Првите начела“ го опишува и прифаќа, постоењето на еден и апсолутен Бог – Отец, и дури се спротивставува на гностичките учења на Василид, Валентин и Маркион, кои разликувале дуализам кај Бог. Тие го делеле Бог – творецот од Стариот завет, и Бог – Таткото на Христос од Новиот завет. Исто така се спротивставил на нивната теорија за креационизмот, според која сета материја е исконско зло, создадена од помало зло наречено Демиург, кое било различно од Врховното неспознатливо божествено битие.

Бидејќи Бог Отецот за Ориген е „личен и активен„ мора да постои уште еден ентитет, кој ја спроведува Неговата интелектуална дејност. Овој ентитет е Христос Синот, Логос или мудрост (Софија), кој е првата еманација на Отецот што одговара на „втор бог“. Ова алудира на платоновскиот Демиург, односно занаетчија, кој го создал космосот имитирајки ја интелектуалната содржина на „првиот бог“. Ориген го претставил Христос како одраз на Вистината на Отецот, тврдејќи дека споредено со човечките суштества Христос е Вистината, но споредено со Отецот, Тој е само одраз на Вистината. Тој ова гледиште за „втор бог“ го присвоил од нео-питагорејскиот филозоф Нумениус. Третото и последно начело на божествената тријада е Светиот Дух, кој „произлегува од Синот и е поврзан со Него, како што Синот е поврзан со Отецот. Во овој извадок од најдените фрагменти тој го опишува субординизмот на Христос и Светиот Дух во однос на Отецот:

„Бог Отецот, кој го држи универзумот сплотен, е суперироен во однос на секое суштество, бидејќи Тој се содржи во сè што постои преку сопственото постоење на секое нешто. Синот, бидувајќи помал од Отецот, е супериорен во однос на рационалните суштества ( тој е втор после Отецот), а пак Светиот Дух е уште помалку од Отецот и Синот и живее во светиите. Така на овој начин моќта на Таткото е поголема од онаа на Синот и на Светиот Дух, и моќта на Синот е поголема од онаа на Светиот Дух, а за возврат силата на Светиот Дух ја надминуваа онаа на сите други свети суштества.[6]

Оваа хиерархија ја открива распределбата на моќта на вториот и третиот член од Троичноста: моќта на Отецот е универзална, но моќта на Синот кореспондира само врз рационалните суштества, додека моќта на Духот кореспондира строго на светителите, и на сите оние кои имаат постигнато спасение. И покрај сите овие негови излагања, до ден денес се поставува прашањето, дали Ориген е правилно осуден за субординизам? Аргументите против тоа алудираат на тоа што, Ориген во многу наврати ја прифаќа беспочетноста на Христос и Неговата апсолутна божественост, и кажува дека Тој како еманација е роден од Отца пред сите векови, како што е и официјалната догма и го смета за вечна Мудрост на Бога (Софија). Исто така тој многу ги осудува гностиците, кои ја истакнуваат дуалистичката природа на Отецот и го сметаат Христос само за виша твар.

Во неговото учење е дојдено до голема интерпретативна заблуда на еден збор што тој го користи во врска со зачнувањето на Христос во утробата на Марија. Тоа е зборот „gennetos“ – што значи постанат, роден, зачнат, генериран, и истиот збор, но со едно „n“, односно „genetos“ – означувајќи создаден, створен. Во времето на Ориген овој збор се пишувал со едно „n“ и означувал – постанат, роден, зачнат, но после смртта на Ориген, кога се разгледувало неговото учење овој збор го добил и двојното „n“ со што се издиференцрале две значења. Тој го искористил зборот „genetos“ алудирајќи на зачнувањето на Христос во утробата на Марија, што подоцна било толкувано како создавање на Христос во нејзината утроба, поради додавањето на двојното „n“ и со тоа осуда за креационизам на Христос[7].

Исто така Ориген изјавил дека, Синот не може да го види Отецот, давајќи простор за еретизам, но некои критичари тврдат всушност дека Ориген со оваа изјава не сакал да претстави некаква релација на субординизам на Христос кон Отецот, туку да ја докаже инкорпоралната природа на Отецот, која е невидлива и неспознатлива, и дел од човечката природа на Христос која била видлива за луѓето. Во многу од неговите списи за Троичноста, тој ја нагласува еднаквоста, божественоста, едносуштноста и моноенергизмот на трите Ипостаси, со што се чини дека самиот себе се побива во кажувањата дека Христос е подреден на Отецот и Светиот Дух на Христос, и нивната сила е помала од онаа на Отецот. Некои критичари тврдат дека кога Ориген говорел за субординизмот, всушност не мислел на онтолошка подреденост на ипостасите во однос на суштината на Троичноста, туку подреденост во однос на нивната божествена ad extra (надворешна) мисија во светот, според која Бог ги „дава“ наредбите, а Синот и Светиот Дух ги извршуваат во однос на устројството на светот. Значи нивната подреденост не е во однос на онтолошкото пребивање во Троичноста, туку во однос на надворешното екстернално пребивање, во кое Отецот е „над“ Христос и Светиот Дух. Но Ориген, сепак го задржува еретичниот статус поради другите фантастични учења за предегзистенција и трансмиграцијата на душите.

Метемпсихоза

[уреди | уреди извор]

Ориген не верувал во вечното страдање на грешниците во пеколот. Според него сите души, вклучувајќи ја и таа на ѓаволот ќе се здобијат со спасение, колку и време да биде потребно за тоа. Тој ова гледиште го поткрепил со фактот дека Божјата љубов е толку моќна што може да ги омекне и најтешките срца, и дека човечкиот интелект бивајќи Божјиот лик, никогаш своеволно нема да го стави заборавот и страданието, пред Бога. Одредени критичари тврдат дека ова учење се спротивставува на неговото учење за слободната волја, бидејќи душите мораат да ја задржат сопствената слобода во одлучувањето дали да го прифатат или одбијат Бога, во спротивно тие ќе бидат само илузии. Но тоа што ги спротивставува критичарите, е неговиот платоновски поглед кон слободната волја (онтолошката насоченост за избор на доброто). Злото не е поларна спротивност на доброто, туку е недостаток на добро и затоа нема онтолошко постоење. Поради ова, изборот на злото не е свесна одлука туку е од просто незнаење, односно неспознатливост на единствениот избор – доброто.

Ориген не можел да замисли Бог, кој би создал души што би биле способни вечно да се растворат во заборавот на злото (не-битието). Затоа тој оценил дека еден човечки живот не е доволен за душата да постигне спасение, бидејќи некои души бараат повеќе образование и лекување од другите. Така тој ја развил својата доктрина за трансмиграција и метемпсихоза на душите, според која на душите им се дава вечна можност за покајание и промена, преку постојана реинкарнација, сè додека не го постигнат спасението. Оваа негова метемпсихоза, секако се разликува од таа на Питагорејците, бидејќи кај нив крајниот степен на реинкарнација е животно.

Апокатастисот е најважниот концепт во филозофијата на Ориген, и мерило со кое ги суди сите други теории. Неговиот концепт за универзално спасение е заснован на поеднакво силни библиски и хеленистички филозофски системи, и поради тоа не е оригинален (Хераклит говори дека почетокот и крајот се заеднички). Ориген како доказ за ова извадил од контекст неколку стихови од Библијата, од Првото послание до Коринтијаните 15:25 – 28, особено стихот 28: „Кога, пак ќе му биде потчинето се, тогаш и самиот Син ќе му се потчини на Оној, кој му потчини се, за да биде Бог се и во се.[8]

Овој библиски поим на Бог кој е се, и во се е силна теолошка поддршка за неговата теорија за апокатастис. Постојат, се разбира многу други стихови во Светото Писмо кои се спротивни на овој поим, но може да се заборави дека силата на Ориген била во неговата филозофска способност да го користи разумот и дијалектиката во поддршка на хуманите доктрини, а не во способноста да го користи Писмото за поддршка на догматските и анти-хуманистичките аргументи. Ориген го замислувал спасението како соединување на сите души со Бога, а не како радост на спасените души на Небесата, и страдање на проколнатите во пеколот.

Влијание врз подоцнежната мисла

[уреди | уреди извор]

Под влијание на гностичката филозофија, платонизмот и преданието од Светото Писмо, Ориген развил едно фантастично еретичко христијанско учење, со кое тој повлекол многу христијански апологети во тоа време. Оригеновиот субординизам за природата на Христос бил делумно прифатен од многу црковни отци (некои од нив само супстанцијално ги разликувале Синот и Светиот Дух од Отецот) : папата Климент I, св. Игнатиј Антиохиски, св. Поликарп Смирнски, Јустин Маченик, св. Иринеј Лионски, Тертулијан, папата Дионисиј и други.

Ориген бил посмртно екскомунициран и анатемисан од страна на црквата, на Петтиот вселенски собор во 553 г. во Цариград како што е наведено погоре, и неговото учење било прогласено за еретичко, со званичната догма за Троичноста според која: „Бог е Еден во три Лица (ипостаси), една природа, една моќ, едно делување. И со тоа немаме три божества или три божествени природи туку три лица Божји.“ За природата на Христос е кажано: „Исус Христос е Богочовек едносуштен на Отецот, и втората личност од Света Троица со две природи и две волји. Човечката волја секогаш се покорува на Божествената. Неговата природа е Божја и човечка која е неразделна, и неслеана.[9]“ Значи од ова заклучуваме дека суштината на Света Троица е една, Еден Бог кој делува преку Синот и Светиот Дух. Ова учење Светите Отци го утврдувале на сите собори, за да на крајот го создадат Символот на Верата во 381 година.

Со оваа званична догма за природата на Бог, тие го оспориле растењето и развивањето на сите еретички учења кои биле осудувани на вселенските собори. Тоа биле аријанската ерес, која исто така го истакнувала субординизмот на Христа, која го достигнала својот процут во времето на Ориген и била осудена на Првиот и Вториот вселенски собор; потоа и полуаријанците како што ги нарекувале, од кои позначајни биле македонијаните кои сметале дека Синот е едносуштен на Отецот, но ја отфрлале божественоста на Третата Ипостас – Светиот Дух, тие биле осудени на Вториот собор; на Третиот собор било антемисано учењето на Несториј – несторијанството, кое учело дека Христос има две личности; на Четвртиот собор учењето на монофизитите кои ја оспорувале човечката природа на Христос[10] и на Шестиот собор биле осудени монотелитите кои учеле дека Христос има само една волја. Монотелитската ерес која ја оспорувала човечката волја, а со тоа му припишувала и едно дејство (моноенергизам) на Христос нужно произлегла од монофизитската, и овие две учења биле осудени со следните зборови на Светите Отци: „Во Исуса Христа има две природи – Божествена и Човечка, а исто така и две волји – Божествена и Човечка, така што втората и се покорува на првата.[11]

Сите ереси во првите векови, на тогаш сè уште неутврденото христијанство, произлегле од поединечното толкување на Светото Писмо на овие големи умови, кои своеглаво и пристрасно создавале сопствени фантастични теолошки системи за природата на Бог, спасението, целокупното устројство на светот, кои кај Ориген биле посебно со гностичка основа. Светите Отци се бореле страдалнички преку себеоткажување, со цел да ја објават вистинската догма за Христос и вистината за човечкиот живот. Најголеми бранители против ересите биле: св. Максим Исповедник – против монотелитите, св. Јован Златоуст, св. Кирил Александриски – против несторијанската ерес, св. Атанасиј Александриски – против аријанството, св. Иринеј Лионски, св Јован Дамаскин и многу други. На Седмиот вселенски собор се утврдила конечната догма и теолошкиот систем на Источното христијанство, со што се ставил крајот на сите еретички и иконоборски движења.

Ориген со своето учење за суштината на Троичноста и подреденоста во однос на нивните улоги оставил длабок печат врз догмите на западното и источното христијанство. Како еден од највлијателните црковни отци тој заслужува голема почит од страна на христијаните, занемарувајќи ги неговите фантастични учења. Неговото влијание се чувствувало во раната црква дури 300 години после неговата смрт. Тој учел многу необични работи, но во последните години многу научници го бранат Ориген, кажувајќи дека е погрешно протолкуван. Проучувајќи ја неговата теологија на Троичноста, можеме да забележиме дека црквата ги прифатила повеќето работи што Ориген ги објаснил. Постои само еден Бог. Христос е вечен и еднакво-супстанцијален со Отецот, Единородниот Син Божји, кој немал почеток[12]. На Светиот Дух му дава еднаква авторитативност и достоинство како на Отецот и Синот. Во внатрешноста на Троица постои само субординација на улогите, што во никој случај не реферира на помал онтолошки статус помеѓу Ипостасите. Според ова, ако неговиот онтолошки поглед за Троичноста се смета за ортодоксен до ден денес, тогаш Оргиген може делумно и да се претстави во такво светло.

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. Itter (2009), pp. 9–10.
  2. The Birth of Purgatory. University of Chicago Press. 1986-12-15. стр. 52. ISBN 9780226470832.
  3. „Beleške“, во: Erazmo Roterdamski, Pohvala ludosti. Beograd: Rad, 2016, стр. 142.
  4. http://www.iep.utm.edu/origen-of-alexandria/
  5. Origen, First Principles, ed. G.W. Butterworth
  6. Fragment 9 [Koetschau] tr. Butterworth 1966, pp. 33-34, First Principles
  7. Western seminary on „Origen’s Trinitarian Theology“ by Billy Cash 2010
  8. Свето Писмо (Библија) < трето издание Скопје 2009>, Прво послание на Апостол Павле до Коринтјаните, глава 15 – стих 28
  9. Прв вселенски собор, Никеја, 325 година
  10. Догматска дејност на првите четири вселенски собори – Александар Петковски Скопје 2009
  11. Шести вселенски собор, Цариград, 680 година
  12. Лоски Н. Владимир - Догматика, Скопје, 1998 г.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]
pFad - Phonifier reborn

Pfad - The Proxy pFad of © 2024 Garber Painting. All rights reserved.

Note: This service is not intended for secure transactions such as banking, social media, email, or purchasing. Use at your own risk. We assume no liability whatsoever for broken pages.


Alternative Proxies:

Alternative Proxy

pFad Proxy

pFad v3 Proxy

pFad v4 Proxy