Симница
Симница | |
Поглед на селото Симница | |
Координати 41°43′12″N 20°52′53″E / 41.72000° СГШ; 20.88139° ИГД | |
Регион | Полошки |
Општина | Гостивар |
Област | Горен Полог |
Население | 183 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 1230 |
Повик. бр. | 042 |
Шифра на КО | 07072 |
Симница на општинската карта Атарот на Симница во рамките на општината | |
Симница на Ризницата |
Симница — село во Општина Гостивар, во областа Горен Полог, во околината на градот Гостивар.
Потекло и значење на името
[уреди | уреди извор]Според македонското население од околните села, селото го добило своето име по познатиот симнички манастир, кој го носел името „Св. Симеон“.[2]
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Селото се наоѓа во јужниот дел на територијата на Општина Гостивар, недалеку од стариот пат Гостивар-Кичево, чиј атар се допира со подрачјето на Општина Маврово и Ростуша.[3] Селото е ридско, сместено на надморска височина од 720 метри. Од градот Гостивар, селото е оддалечено 10 километри.[3] Селото се наоѓа во подножјето на планината Бистра.
Селото се наоѓа во долината на Симничка Река. Водата за пиење во минатото се добивала од чешми, бунари и од реката. На атарот на селото извираат изворите Бела Вода, Пања, Ливада, Скурти, Гуре Дејанит (Дејанов Камен), Гуре Манастирит (Манастирски Камен) и Гуре Рекас.[2]
Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Палатица, Краста Вогле, Колиба, Дервен, Голина, Страга, Ара Дулас, Шулан, Вори (Гробишта), Срт, Гури Отес, Стара Корија, Шаља, Ара Ајрулит, Пеља, Русино, Ќафа, Фтосина, Шулон, Мулајне, Фуше Дангут (Дангово Поле), Кошари, Река, Манастир, Грнчаре, Шпарла, Киша (Црква), Орница, Мелна, Рамниште, Лака и Ворба.[2]
Симница е селска населба од разреден тип. Поделено е на седум маала, кои едно од друго се оддалечени по околу десет минути пеш. Маалата се наречени Кодра, Карај, Кетас, Османлар, Али Идре, Шере и Цеоне.[2]
Историја
[уреди | уреди извор]По остатоците на старото село, името на селото, некои топоними и по традицијата може да се заклучи дека Симница порано било македонско село. Куќите на тоа село се наоѓале на местото на денешните албански маала, додека црквата и гробиштата биле во источниот дел на селото во непосредната близина на денешната железничка станица. Местото каде се наоѓала црквата се нарекува Киша. Околу 1930 година на црквиштето биле вршени ископувања и во таа прилика биле откопани остатоци од храмот, како и околу 40 надгробни плочи.[2]
Кога селото било македонско, тогаш во него се наоѓал голем манастир посветен на Свети Симеон Столпник, сместен на околу еден километар југоисточно од селото. Како се говори во околните македонски села, симничкиот манастир бил богат: поседувал шуми на планината Буковиќ, ниви во долината на Симничка Река, како и манастирски пчеларници во Симница и во Орќуше. Освен тоа, манастирот имал и свој добиток, за кој се грижеле калуѓерите. Во народот се пренесува и за големиот манастирски собир, кој се организирал на 1 септември, каде доаѓале православни жители од Горен Полог, Мавровско Поле, Горна Река и Кичевијата. Околу манастирот се наоѓале помали капели, а една од нив се наоѓала на месноста Меризи, северно од Симница. До 1930 година, таму се наоѓале стари дабови, кои потоа биле отсечени од Албанците од Симница.[2]
Стара Симница и манастирот потполно пропаднале во некоја војна во 1750-тите години, кога се случиле зулуми од страна на Турците и Албанците. За време на тие случувања, во Симница дошле три семејства од областа Мат, Северна Албанија. Тие ги викнале на помош Албанците од Падалиште и Србиново и заедно ја нападнале Симница и неговиот манастир. Само еден калуѓер останал жив, бидејќи не бил таму, додека другите биле убиени, а игуменот запален. Од селото се верува дека преживеале некои македонски родови, кои заминале во планинската област Порече, како и во други области.[2]
Албанците кои го раселиле старото село и го уништиле манастирот останале во Симница. За да не бидат сами, тие во селото викале и други семејства од Албанија. Така, селото станало муслиманско албанско село.[2]
Симничкиот манастир долго време се наоѓал во рушевини. Недалеку од рушевините останала една пештерска калуѓерска испосница, каде повремено доаѓале болни и жени што не можеле да родат. Во периодот 1935-1936, на иницијатива на вруточкиот свештеник Аркадиј Попоски бил изграден нов и голем манастир. При копањето на темелите, работниците пронашле два крста (еден сребрен и еден железен), темели, едно огниште, човечки коски и еден гроб од игумен. Новиот манастир одма започнал со организирање годишни собири. Имал еден калуѓер, послуга, шума и нешто малку добиток. Обновениот манастир полека се развивал, но неговиот развој бил прекинат во 1943 година, кога повторно бил нападнат од симничките Албанци. Калуѓерот и послугата биле заклани, храмот срушен, а градежниот материјал и стоката одземени. Во јули 1947 година од манастирот се познавале само ѕидови.[2]
Вкупно 4 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[4]
Стопанство
[уреди | уреди извор]Атарот на селото е зафаќа простор од 13,1 км2, при што преовладуваат шумите со површина од 775 хектари, на пасиштата отпаѓаат 291 хектар, а на обработливото земјиште 226 хектари.[3]
Врз основа на составот на атарот селото Симница има полјоделско-шумарска функција. Во селото работат услужни објекти.[3]
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Симница живееле 500 жители, сите Албанци муслимани.[5]
Селото е средно по големина, населено со албанско население. Така, во 1961 година селото имало 753 жители, додека во 1994 година 445 жители.[3]
Пописот од 1991 година не бил целосно одржан во селото Симница, бидејќи дел од неговото население одбило да учествува, односно го бојкотирало неговото одржување, поради што за таа пописна година, за селото нема целосни податоци.[б 1]
Според пописот на населението на Македонија од 2002 година, селото имало 430 жители, од кои 424 Албанци и 6 останати.[6]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 183 жители, од кои 159 Албанци и 24 лица без податоци.[7]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 500 | — | 701 | 746 | 753 | 932 | 789 | 1 | 445 | 430 | 183 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[8]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[9]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[10]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]
Родови
[уреди | уреди извор]Симница е албанско село.[2]
Според истражувањата од 1947 година, родови во селото:
- Кодра Маало: Лубарда (7 к.), доселени се од селото Лумбарзи во Мирдита, северна Албанија; Џика (18 к.), доселени се од Матија во северна Албанија и Јонузолар (2 к.), доселени се од селото Долна Ѓоновица. Подалечно потекло од Љура во северна Албанија.
- Карај Маало: Карај (16 к.), основач на родот е Оломан Карај, кој се доселил пред повеќе од 200 години од Булчица во северна Албанија. Се знае следниов родослов Рефик (жив, 60 години во 1947 година)-Весел-Бешир-Алија-Оломан Карај. Името го добиле по селото од каде се доселиле. Од овој род, пет семејства се одвоиле и сега живеат во Чегране и Строплар (3 к.), место на потекло и време на доселување како Карај.
- Кетас Маало: Кетас (13 к.), основач на родот е Рам Кета пред околу 250 години. Се знае следниов родослов Мазем (жив, 50 години во 1947 година)-Меџит-Сали-Зенел-Синан-Саф Ќор-Рам Кета. Рам Кета бил еден од првите симнички доселеници. Доселени се од областа Матија во северна Албанија и Зеќир (1 к.), потекнуваат од домазет доселен од селото Балин Дол.
- Османлар Маало: Османлар (8 к.), доселени се од Булчица во северна Албанија. Овде дошле по повик на родот Кетас. Името го добиле по предокот Осман.
- Али Идре Маало: Али Идре (10 к.), доселени се од Булчица во северна Албанија, во исто време како родот Кетас.
- Шере Маало: Шере (14 к.), доселени се од Булчица во северна Албанија. Овде живеат од пред околу 250 години. Основач на родот е Мифтар, а го знаат следниов родослов Аљуш (жив, 70 години во 1947 година)-Кадри-Мифтир-Љуман-Мифтар.
- Цеоне Маало: Цеоне (10 к.), доселени се од некое место во северна Албанија и Биче (1 к.), потекнуваат од домазет доселен од селото Равен.
Во неколку селски маала живее родот Авмете (7 к.) измешани со другите. Тие се понови доселеници од северна Албанија.
Општествени установи
[уреди | уреди извор]- Основно училиште „Исмаил Ќемали“, подрачно основно училиште во состав на ОУ „Исмаил Ќемали“ - Гостивар
- Месна заедница
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Кон крајот на XIX век, Симница било село во Гостиварската нахија на Тетовската каза на Отоманското Царство.
Селото се наоѓа во рамките на Општина Гостивар, која била значително проширена со територијалната поделба на Македонија во 2004 година. Претходно селото припаѓало на поранешната помала Општина Долна Бањица.
Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Гостивар.
Во периодот 1952-1955, селото се наоѓало во рамките на Општина Бањица, во која покрај Симница се наоѓале Беловиште, Горна Бањица, Горна Ѓоновица, Долна Бањица, Долна Ѓоновица, Лакавица, Митрои Крсти, Сретково, Сушица и Церово. Во периодот 1950-1952 година, селото било седиште на тогашната општина Симница во која влегувале селата Горна Ѓоновица, Долна Ѓоновица, Митрој Крсти, Симница, Сретково и Трново.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Во селото постои избирачкото место бр. 0512 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште. Во ова избирачко место е опфатено и селото Митрој Крсти.[12]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 503 гласачи.[13] На локалните избори во 2021 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 537 гласачи.[14]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Археолошки наоѓалишта[15]
- Кај Црквата — средновековна црква и некропола; и
- Манастир — средновековна црква и некропола.
- Џамии[16]
- Стара џамија — стара џамија, прогласена за значаен споменик на културата; и
- Нова џамија — нова селска џамија.
- Поранешни цркви и манастир[2]
- Симнички манастир — познат манастир во областа, уништен неколку пати, последен во 1943 година од Џемо Хаса.
- Црква „Св. Симеон Столпник“ — поранешна манастирска црква
- Уште една селска црква со гробишта.
- Споменици
- Споменик на балистот Џемо Хаса
- Реки
- Симничка Река — мала река, поминува низ селото
-
Новата џамија
-
Старата џамија
-
Споменик на Џемо Хаса
Личности
[уреди | уреди извор]- Родени во или по потекло од Симница
- Џемаил Хасани - Џемо (1908-1945) - балист, водач на Бали Комбетар за гостиварско
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Поглед во селото
-
Објект во селото
-
Улица низ селото
-
Селска чешма
-
Руинирана чешма
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 Трифуноски, Јован (1976). Полог. Белград: САНУ. стр. 212–214.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 271.
- ↑ „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
- ↑ Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“, София, 1902, стр. 214.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 27 август 2023.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „архивска копија“. Архивирано од изворникот на 2023-08-27. Посетено на 27 август 2023.
- ↑ Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 115. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- Забелешки
- ↑ Во Пописот од 1991 година, во населените места: Страчинци, Љуботен, Арачиново, Грушино, Мојанци, Орланци, Боговиње, Жеровјане, Пирок, Милетино, Радиовце, Теново, Челопек, Горно Јаболчиште, Велешта, Горно Татеши, Долно Татеши, Врапчиште, Топлица, Вруток, Долно Јеловце, Здуње, Речане, Балин Дол, Беловиште, Гостивар, Дебреше, Мало Турчане, Чајле, Баниште, Дебар, Кривци, Селокуќи, Хаме, Делогожди, Корошишта, Ливада, Мислодежда, Ново Село (Делогожди), Горна Бањица, Долна Бањица, Симница, Долна Лешница, Желино, Озормиште, Требош, Бачишта, Букојчани, Горно Строгомиште, Зајас, Колари, Лешница, Палиград, Смесница, Копанце, Шемшево, Горно Палчиште, Долно Палчиште, Камењане, Кичево, Долно Свиларе, Кондово, Радуша, Рудник Радуша, Бедиње, Горно Коњаре, Д`лга, Куманово, Лопате, Романовце, Сопот, Табановце, Черкези, Белановце, Матејче, Никуштак, Опае, Ропалце, Жужње, Нистрово, Сенце, Тануше, Добри Дол, Калиште, Неготино-Полошко, Сенокос, Бериково, Гарани, Јагол, Ново Село (Осломеј), Поповјани, Премка, Србица, Стрелци, Туин, Шутово, Охрид, Ќојлија, Арнакија, Буковиќ, Грчец, Крушопек, Ласкарци, Љубин, Семениште, Барово, Јаболци, Биџево, Долна Белица, Заграчани, Калишта, Радолишта, Струга, Батинци, Вртекица, Морани, Студеничани, Глоѓи, Доброште, Непроштено, Пршовце, Слатино, Теарце, Голема Речица, Лавце, Мала Речица, Сараќино, Тетово, Баланци, Форино, Чегране, Џепиште, Гајре, Лисец, Скопје дел - Гази Баба, Скопје дел Карпош, Скопје дел - Центар и Скопје дел - Чаир, дел од жителите не прифатија да замат учество (го бојкотираа) во Пописот.