Прејди на содржината

Чегране

Координати: 41°50′20″N 20°58′32″E / 41.83889° СГШ; 20.97556° ИГД / 41.83889; 20.97556
Од Википедија — слободната енциклопедија
Преработка од 10:47, 3 јуни 2024; направена од InternetArchiveBot (разговор | придонеси) (Rescuing 1 sources and tagging 0 as dead.) #IABot (v2.0.9.5)
(разл) ← Претходна преработка | Последна преработка (разл) | Следна преработка → (разл)
Чегране

Воздушен поглед на селото Чегране

Чегране во рамките на Македонија
Чегране
Местоположба на Чегране во Македонија
Чегране на карта

Карта

Координати 41°50′20″N 20°58′32″E / 41.83889° СГШ; 20.97556° ИГД / 41.83889; 20.97556
Регион  Полошки
Општина  Гостивар
Област Горен Полог
Население 4.022 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1237
Повик. бр. 042
Шифра на КО 07088
Надм. вис. 498 м
Чегране на општинската карта

Атарот на Чегране во рамките на општината
Чегране на Ризницата

Чегране — село во Општина Гостивар, во областа Горен Полог, во околината на градот Гостивар. Селото во поново време е скоро целосно споено со соседното село Форино.

До 2004 година, селото претставувало административно седиште на поранешната истоимена општина, а служи како главно село за останатите села.

Географија и местоположба

[уреди | уреди извор]
Поглед на Форино (лево) и соседното Чегране (десно), кои се буквално споени во денешно време

Селото се наоѓа во северниот дел на територијата на Општина Гостивар, од десната страна на реката Вардар.[2] Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 498 метри. Од градот Гостивар, селото е оддалечено единаесет километри.[2]

Селото се наоѓа во подножјето на планината Сува Гора. Само во помал дел се наоѓа на котлинското дно. Околни села се Форино на југозапад и Волковија на североисток. Источно од селото се издигнува гола стрмна планинска падина.[3]

Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Рудина, Раздолка, Балсор, Шулан (Присој), Шулан Токс, Шулан Лединас, Корија, Ропа, Шавише, Чибуклак, Долна Ливада, Мартаник, Кодра (Брдо), Муздаче, Даглица, Дервенка, Прекаче, Орлец, Бањичко, Ари Попит (Попова Нива), Ливаде Бегут, Дуаниште, Ограде и Кајнак.[3]

Чегране претставува село од збиен низински облик. Ова е едно од најголемите полошки села. Тоа е поделено на маалата: Љок, Цане и Читак.[3]

Историја

[уреди | уреди извор]

Прв пишан документ за Чегране потекнува од 1461 или 1462 година, кога во пресуда на кадија се наведува воденица со два камења. Во пресудата се потврдил вакафот на Мехмег-бег од Тетово. Воденицата се наоѓала помеѓу патот кој од Чегране одел за Гостивар, покрај реката Вардар, и куќа на Јован. Понатаму во пресудата се наведува уште една чегранска воденица со пет камења, ниви, ливади и градини, како и Турчинот Сулејман од ова село.[3]

Водејќи се од овој документ во кој се спомнува мештанинот Јован, како и по некои топоними, но и по етничкиот карактер на останатите околни села, Чегране најпрвин било православно македонско село. Подоцна, како се пренесува во народната традиција, Чегране сосем опустело. По ова, селото било обновено од страна на Албанците муслимани, кои постепено се собрале од разни страни.[3]

Нема податоци за иселените македонски родови, бидејќи ни денес, ниту во времето на истражувањата на Јован Трифуноски во 1940-тите години, немало нивни живи потомци.[3]

Вкупно 10 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[4]

Косовска криза

[уреди | уреди извор]

За време на војната во Косово во 1999 година, во месноста Рудина во непосредна близина на селото Чегране бил создаден камп, кој бил еден од најголемите за време на бегалската криза при што во Македонија дошле илјадници бегалци од Косово. Во кампот кај Чегране се сместиле педесетина илјади бегалци. Кампот честопати бил тема и во светските медиуми, откако него го посетиле претседателот на САД Бил Клинтон, генералниот секретар на НАТО Хавиер Солана и германискиот дипломат Клаус Кинкл. Особено привлечна за медиумите била и посетата на холивудскиот актер Ричард Гир кој бил во хуманитарна мисија.[5]

Стопанство

[уреди | уреди извор]

Атарот на селото зафаќа простор од 21,6 км2, при што преовладува обработливото земјиште со површина од 716 хектари, на шумите отпаѓаат 635 хектари, а на пасиштата 510 хектари.[2]

Врз основа на составот на атарот селото Чегране има мешовита земјоделска функција. Во селото работат продавници и услужни објекти.[2]

Население

[уреди | уреди извор]
Население во минатото
ГодинаНас.±%
19482.474—    
19532.825+14.2%
19613.216+13.8%
19714.317+34.2%
19815.639+30.6%
ГодинаНас.±%
199164−98.9%
19946.743+10435.9%
20026.748+0.1%
20214.022−40.4%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Чегране живееле 800 жители, сите Албанци муслимани.[6]

Според Афанасиј Селишчев, во 1929 година Чегране — село во Чегранска општина во Горнополошкиот срез и има 234 куќи и 1.364 жители, сите Албанци.[7]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 1.650 Албанци.[8]

Чегране е мошне големо село, коешто во 1961 година броело 3.216 жители, од кои 3.183 биле Албанци, 12 Македонци и 7 Турци. Меѓутоа, во 1994 година бројот двојно се зголемил и селото имало 6.743 жители, од кои сите биле Албанци.[2]

Пописот од 1991 година не бил целосно одржан во селото Чегране, бидејќи дел од неговото население одбило да учествува, односно го бојкотирало неговото одржување, поради што за таа пописна година, за селото нема целосни податоци.[б 1]

Според пописот на населението на Македонија од 2002 година, селото има 6.748 жители, од кои 2 Македонци, 6.672 Албанци, 1 Бошњак и 73 останати.[9]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 4.022 жители, од кои 3.832 Албанци, 1 Влав, 1 Бошњак и 188 лица без податоци.[10]

Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Чегране:

Година Македонци Албанци Турци Роми Власи Срби Бошњаци Ост. б.п. Вкупно
1948 2.274
1953 32 2.776 5 3 0 1 8 2.825
1961 12 3.183 7 1 13 3.216
1971 4 4.307 0 0 1 4 4.317
1981 2 5.625 1 0 0 1 10 5.639
1991 0 64 0 0 0 0 0 0 64
1994 0 6.739 0 0 0 1 3 6.743
2002 2 6.672 0 0 0 0 1 73 6.748
2021 0 3.832 0 0 1 0 1 0 188 4.022

* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години

Денес, во Чегране живее доселено муслиманско население, кое е поделено на Албанци, исламизирани и албанизирани Македонци, албанизирани Турци и Роми. Освен Ромите, сите говорат на албански јазик.[3]

Според истражувањата од 1947 година, родови во селото:

  • Албански родови: Лике (27 к.), први доселеници, кои имаат потекло од фисот Круја Зи. Се доселиле од Дукаќина во северниот дел на Албанија. Нивни истоимени роднини се иселиле во селото Стража кај Качаник, додека едно семејство се иселило во Тетово; Бализе (26 к.), и тие се споменуваат како први доселеници, дошле од некое село во околината на Пешкопеја; Мујалар (33 к.), по потекло од селото Суви Дол во околината на Пешкопеја. Таму биле роднини со родот Бобар, кој денес живее во селата Форино и Челопек. Во селото се доселиле кон крајот XVIII век и го знаат следниов родослов Исмаил (жив, 76 години во 1947 година)-Имер-Емиш-Реџеп-Мустафа, еден од првите доселеници;[11] Ане (10 к.), доселени од областа Љума во северниот дел на Албанија. Едно нивно семејство живее во Гостивар; Љапе (13 к.), по потеклот од фисот Бериш во Северна Албанија. Таму имаат иселени роднини во селото Нов Пустеник кај Качаник (Љапоч). П. Јовановиќ пак за нив слушал дека се од Дебар; Гуре (7 к.), тие се огранка на истоимениот род од Србиново и по потекло се од селото Гури од Северна Албанија; Токе (4 к.), по потекло од Булчиза во Северна Албанија, најпрвин дошле во Трново, каде имаат истоимени роднини. П. Јовановиќ забележал дека тие имале старини во областа Мат; Пере (17 к.), по потекло од областа Мат. Најпрвин дошле во Лакавица во 1780-тите години. Едно нивно семејство заминало во Тетово; Жупање (12 к.), по потекло од Жупања кај Булчиза. Од таму најпрвин се иселиле во Србиново, каде имаат истоимени роднини; Селиште (7 к.), по потекло од истоимено село во Љусња во Албанија. И тие прво дошле во Трново, па оттаму во XIX век дошле во Чегране. Го знаат следниов родослов: Веап (жив, 60 години во 1947 година)-Исан-Демир, еден нивен доселеник; Кољовере (3 к.), се доселиле преку селото Страјане, каде имаат истоимени роднини. Понатамошно потекло од Мердита во Албанија (село Каливари). Во Чегране се едни од поновите доселеници; Пелелесе (9 к.), по потекло од Северна Албанија, а едно нивно семејство живее во Жеровјане; Веше (18 к.), роднини се со семејството Виш од Трново. Имаат потекло од Бице во Љума. Тука се доселиле во 1800-тите години и го знаат следниов родослов: Адем (жив, 75 години во 1947 година)-Мусли-Имер-Суљо, еден од нивните први доселеници. Имаат истоимени роднини во селата од Скопски Дервен, Чајлане и Ново Село. Во Љума припаѓале на фисот Бериш. Тие порано биле католици, а подоцна преминале на ислам; Љуше (6 к.), доселени од некое место во Северна Албанија; Љоке (4 к.), потекнуваат од фисот Красниќи во Северна Албанија. Имаат истоимени роднини во Котлина кај Качаник, а едно нивно семејство живее во Жеровјане. За нив, П. Јовановиќ забележал дека се од околината на Дебар; Карај (5 к.), дошле преку селото Симница, а понатамошното потекло им е од Булчиза од Албанија; Салак (7 к.), дошле околу 1840-тите години од планинското село Трново, каде имаат истоимени роднини. Понатамошно потекло имаат од Дарда во Љума, а едно нивно семејство заминало во Чајле; Ратаје (4 к.), дошле преку тетовското Ратае пред околу 1870-тите години. Во Ратае биле застапници на поседникот на чифлигот. Понатамошно потекло од Северна Албанија; Бичак (7 к.), по потекло од околината на Елбасан. Прв дошол Алил како што кажал Бељуљ (жив, 45 години во 1947 година)-Јамин-Нурдин-Мамут-Алил. Тие се доселиле во првата половина на XIX век; Дише (3 к.), дошле преку Лакавица, каде имаат роднини. По потекло од областа Мат во Албанија; Кече (2 к.), по потекло од некое место во Албанија, а П. Јовановиќ за нив забележал дека некое време живееле во селото Градец; Коме (6 к.), по потекло од Булчиза во Албанија, од каде дошле во 1830-тите години. Го знаат следниов родослов: Биљал (жив, 80 години во 1947 година)-Одо-Селман, еден од предците. П. Јовановиќ и за нив рекол дека дошле од околината на Дебар; Чорокан (7 к.), тука дошле околу 1820-тите години, а по потекло од Албанија. Јовановиќ и за нив рекол дека дошле од околината на Дебар; Веш (1 к.), дошле од планинското село Трново, роднини се со родот Веше; Џеле (6 к.), по потекло од Албанија, а Јовановиќ забележал дека некое време живееле во Нистрово (Горна Река). Од таму прво се населиле во Корито, а подоцна во Чегране; Цане (5 к.) и Сефере (3 к.), по потекло од Албанија; Бакље (6 к.), имаат роднини во Боговиње, а по потекло од Албанија; Гуде (4 к.), по потекло од истоименото село во Љума. Тие се гранка на истоимениот род во Балин Дол; Грк (1 к.), дошол Исмаил Грк од Дебреше, а понатамошното потекло не го знае; Хоте (1 к.), по потекло од Албанија. П. Јовановиќ слушал дека името го добиле по некое село во Албанија; Фида (1 к.), дошол од Речане, а понатамошното потекло од Албанија; Чинке (3 к.), дошле преку Градец, по потекло од Албанија. Едно нивно семејство заминало во Неготино; Сакол (10 к.), дошле како тројца браќа Алија, Салија и Велија, по потекло од Албанија. Имаат отселени семејства во Гостивар; и Баке (9 к.), доселени околу 1878 година, по потекло од Албанија.
  • Исламизирани и албанизирани македонски родови: Ќосевци или Диневци (13 к.), на ислам преминале двајца браќа, кои се предци од трето колено. Браќата добиле муслимански имиња (Ајдар и Јусуф). Го знаат следниов родослов: Берзат (жив, 60 години во 1947 година)-Осман-Исен-Ајдар. Гранка се од православниот род Ѓокевци кои живеат во селото Волковија. Право потекло им е од Крушевско и Кољовци (9 к.) и за нив се зборува дека се поалбанчени. Потекло имаат од некаде од Албанија (Лушње) во Албанија и биле православни.
  • Албанизирани турски родови: Оџа (1 к.), дошле од Тетово и порано говореле турски; Маџаре (3 к.), дошле од Бугарија во 1878 година и порано говореле турски; Дане (2 к.) и Љанге (6 к.), дошле во 1878 година и порано говореле турски.
  • Ромски родови: Резан (1 к.) и Џемаил (1 к.), дошле како ковачи од Тетово.

Иселеништво

[уреди | уреди извор]

Покрај веќе споменатите иселени семејства од поединечните родови, се знае и за следниве целосно иселени родови:[3]

  • Иселени албански родови се: Османови кои живеат во Гостивар и Зеќир (1 к.), кои живеат во Голема Речица кај Тетово.
  • Изумрени македонски родови се Синадиновци (1 к.), кои биле наречени по предокот Синадин, кој бил православен Македонец, доселен од соседното село Форино. Синадин кога дошол да работи како слуга кај родот Мујалар преминал на ислам. Синадиновци изумреле околу 1912 година.

Општествени установи

[уреди | уреди извор]
Централното основно училиште „Прпарими“

Самоуправа и политика

[уреди | уреди извор]

Кон крајот на XIX век, Чегране било село во Гостиварската нахија на Тетовската каза на Отоманското Царство.

Селото се наоѓа во рамките на Општина Гостивар, која била значително проширена со територијалната поделба на Македонија во 2004 година. Претходно селото било седиште на поранешната помала Општина Чегране.

Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Гостивар.

Во периодот 1952-1955, селото било седиште на Општина Чегране, во која покрај Чегране се наоѓале Волковија, Стенче, Тумчевиште и Форино. Во периодот 1950-1952 година, селото било седиште на тогашната општина Чегране во која влегувале селата Тумчевиште, Форино и Чегране.

Избирачко место

[уреди | уреди извор]

Во селото постојат избирачките места бр. 0504, 0504/1, 0505, 0505/1, 0506, 0506/1, 0507, 0507/1, 0508 и 0508/1 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[12]

На претседателските избори во 2019 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 6.987 гласачи.[13] На локалните избори во 2021 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 7.181 гласач.[14]

Културни и природни знаменитости

[уреди | уреди извор]
Археолошки наоѓалишта[15]
Џамии[16]
Споменици

Личности

[уреди | уреди извор]
Родени во или по потекло од Чегране

Култура и спорт

[уреди | уреди извор]

Галерија

[уреди | уреди извор]
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 317.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 3,7 Трифуноски, Јован (1976). Полог. Белград: САНУ. стр. 167–170.
  4. „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
  5. „20 години од кампот за бегалци во Гостивар“. m.makpress.mk. Посетено на 2023-11-08.
  6. Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“, София, 1902, стр. 214.
  7. Селищев, Афанасий. „Полог и его болгарское население. Исторические, этнографические и диалектологические очерки северо-западной Македонии“. – София, 1929, стр. 26.
  8. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  9. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 7 ноември 2023.
  10. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  11. Албанците во Македонија само од 1780 година, д-р Ристо Ивановски, Битола, 2014. стр. 11
  12. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  13. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  14. „архивска копија“. Архивирано од изворникот на 2023-11-08. Посетено на 8 ноември 2023.
  15. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 117. ISBN 9989-649-28-6.
  16. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  17. „Мерсел Биљали“. Собрание на Република Македонија. Посетено на 2010-04-17.
  18. „Arsimi“. macedonianfootball. Посетено на 2013-02-18.
Забелешки
  1. Во Пописот од 1991 година, во населените места: Страчинци, Љуботен, Арачиново, Грушино, Мојанци, Орланци, Боговиње, Жеровјане, Пирок, Милетино, Радиовце, Теново, Челопек, Горно Јаболчиште, Велешта, Горно Татеши, Долно Татеши, Врапчиште, Топлица, Вруток, Долно Јеловце, Здуње, Речане, Балин Дол, Беловиште, Гостивар, Дебреше, Мало Турчане, Чајле, Баниште, Дебар, Кривци, Селокуќи, Хаме, Делогожди, Корошишта, Ливада, Мислодежда, Ново Село (Делогожди), Горна Бањица, Долна Бањица, Симница, Долна Лешница, Желино, Озормиште, Требош, Бачишта, Букојчани, Горно Строгомиште, Зајас, Колари, Лешница, Палиград, Смесница, Копанце, Шемшево, Горно Палчиште, Долно Палчиште, Камењане, Кичево, Долно Свиларе, Кондово, Радуша, Рудник Радуша, Бедиње, Горно Коњаре, Д`лга, Куманово, Лопате, Романовце, Сопот, Табановце, Черкези, Белановце, Матејче, Никуштак, Опае, Ропалце, Жужње, Нистрово, Сенце, Тануше, Добри Дол, Калиште, Неготино-Полошко, Сенокос, Бериково, Гарани, Јагол, Ново Село (Осломеј), Поповјани, Премка, Србица, Стрелци, Туин, Шутово, Охрид, Ќојлија, Арнакија, Буковиќ, Грчец, Крушопек, Ласкарци, Љубин, Семениште, Барово, Јаболци, Биџево, Долна Белица, Заграчани, Калишта, Радолишта, Струга, Батинци, Вртекица, Морани, Студеничани, Глоѓи, Доброште, Непроштено, Пршовце, Слатино, Теарце, Голема Речица, Лавце, Мала Речица, Сараќино, Тетово, Баланци, Форино, Чегране, Џепиште, Гајре, Лисец, Скопје дел - Гази Баба, Скопје дел Карпош, Скопје дел - Центар и Скопје дел - Чаир, дел од жителите не прифатија да замат учество (го бојкотираа) во Пописот.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]
pFad - Phonifier reborn

Pfad - The Proxy pFad of © 2024 Garber Painting. All rights reserved.

Note: This service is not intended for secure transactions such as banking, social media, email, or purchasing. Use at your own risk. We assume no liability whatsoever for broken pages.


Alternative Proxies:

Alternative Proxy

pFad Proxy

pFad v3 Proxy

pFad v4 Proxy