Песна над песните
Книги од Стариот завет |
---|
Песната над песните (или на хебрејски שיר השירים, односно Shir ha-Shirim) — книга од Библијата (и Танахот) или Стариот завет, еден од петте свитоци. Позната е и под името „Песната на Соломон“ па дури и како „Црковни химни“, второво како резултат на анлискиот скратен вулгата превод Canticum Canticorum, односно „Песна над песните“ на латински.[1] Позната е како Аисма во Септуагинтата, што е, пак, скратено од ῏Αισμα ᾀσμάτων, Aisma aismatôn или "Песна над песните" на грчки.[2]
Песната над песните долго време се претставува како алегорична презентација на односот меѓу Бог и Израил како младоженец и невеста.[3] Сепак, главните ликови во песната се една жена и еден маж, а самиот текст на песната алудира на една врска која започнува со додворување и завршува со консумација. Ова е една од најкратките книги во Библијата, содржејќи само 117 стихови. Според ашкенашката традиција, истата се чита на Сабатот што паѓа во меѓу-периодот на Пасхата (деновите меѓу првите и последните денови од Пасхата што, всушност, и не се целосни празници). Во заедницата на Сефардите се рецитира секој петок навечер.
Наслов
[уреди | уреди извор]Насловот на книгата потекнува од првиот стих на песната кој во буквален превод гласи, "Песната над песните, која е Соломонова." Во македонскиот превод од 1990 година, истиот не е преведен, но во верзијата од 1999 година, тој гласи: „Соломоновата Песна над песните“. Архивирано на 11 март 2016 г. [4]
"Песната над песните" е хебрејска граматичка конструкција што е показател на суперлатив; односно, насловот укажува на големината на песната, слично како што тоа го прават "господар на(д) господарите", "крал на(д) кралевите" или "свјатаја свјатих" (Светилиштето над светилиштата) (употребувано при описот на внатрешноста на ерусалимскиот храм) [5]. Рабинот Аквиба еднаш има речено "Бог да чува ако некој Израилец ја запраша светоста на „Песната над песните“. Зашто целиот свет не вреди толку колку мигот кога „Песната над песните“ му е доверена на Израилот, и ако сите записи се свети, тогаш „Песната над песните“ е „свјатаја свјатих“." (Тохорот 3:5). Мартин Лутер, пак, ја нарекува das Hohelied (Врховна песна). Ова е сѐ уште називот останат во германскиот, шведскиот и холандскиот јазик.
Авторство
[уреди | уреди извор]За некои луѓе првиот стих од песната (Песната над песните, која е Соломонова.) значи дека автор на книгата е токму Соломон. Рабинот Хија Великиот вели дека Соломон прво ги напишал Мудри Соломонови изреки, потоа Песната над песните, па дури потоа Книга Проповедник. Рабинот Џонатан смета дека прво Соломоново дело е токму Песната над песните, а дури потоа следат Изреките и Еклизијастот. Талмудовиот каноничен распоред, сепак, прво ги поставува Изреките, потоа Книга Проповедник, а дури последна Песната над песните.
За неколку преведувачи, првиот стих треба да се преведе на друг начин: „Песната над песните, која е за Соломон“, што значи дека книгата му е само посветена на Соломон.[се бара извор] Во антиката, не била ниту ретка пракса еден непознат писател, при обидот да се прослави, место своето име, на врвот од песната, да го постави името на некој многу попознат од него. За некои аналитичари, книгата е, всушност, приказ на благородноста на моногамната љубов, при што истата е спротивставена на декадентноста на полигамната; оттука, песната може да се чита како прикриена критика на Соломоновиот живот, кој, според Прва книга Царства 11:3 Архивирано на 10 март 2016 г., имал седумстотини жени и триста наложници.
Во согласност со алегоричните толкувања, Раши нуди еден поинаков аспект на песната, преведувајќи го називот на Возљубениот со конструкцијата "Оној кому му припаѓа мирот", т.е: Бог. Хебрејското име на Соломон - Shlomo - може да претставува и преиначена форма на шалом, мир, што, пак, деклинирано добива посесивно значење. Сѐ на сѐ, Раши заклучува дека автор на книгата е Соломон, но истата тој ја раскажува од перспектива на Бог, кој разговара со еврејскиот народ, неговата алегорична невеста.
Содржина на песната
[уреди | уреди извор]Ликови и сиже
[уреди | уреди извор]Песната претставува дијалог што го водат двајца вљубени при што низа од антифони додавки се рецитираат од страна на хорот - „ерусалимските ќерки“. Кон крајот на песната, збор добиваат и браќата на девојката, кои, во тој момент, ја преземаат улогата на хорот. За некои толкувачи, дел од стиховите се гласот на раскажувачот. Во песната, вљубените меѓусебно си изјавуваат љубов, ја фалат убавината на другиот и копнеат еден за друг. Ноќта, додека девојката спие, момчето ја моли да му отвори, но кога таа станува, него го нема по што таа го бара низ градот.[6]
Структура
[уреди | уреди извор]Најголем дел од „Песната над песните“ е оформен во вид на дијалог меѓу Возљубениот и Возљубената или Младоженецот и Невестата (во зависност од преводот), при што хорот на ќерките ерусалимски служи како некоја соодветна литературна рамка. При тоа, песната се содржи од осум меѓусебно поврзани делови, чија правилна поделба [се бара извор] би требало да го има следниов изглед:
- Наслов и пролог (1:1–4)
- Прва песна (1:5 – 2:7)
- Втора песна (2:8 – 3:5)
- Трета песна (3:6 – 5:1)
- Четврта песна (5:2 – 6:3)
- Петта песна (6:4 – 8:5)
- Епилог: Химна на Љубовта (8:6–7)
- Додатоци (8:8–14)
Според јазикот, стилот и композицијата може да се заклучи дека сите песни, освен подоцнежните додавки (8:8–14 и можеби 8:6–7) се напишани од еден автор.
Толкувања и употреба
[уреди | уреди извор]Иако општо-прифатено е дека нејзината алегоричност го оправдува вклучувањето на Песната над песните во библискиот канон, научниците сѐ уште немаат постигнато консезус кога е во прашање инклузијата на оваа книга во рамките на Светата книга.[7]
Еврејска традиција
[уреди | уреди извор]Според еврејската традиција искажана во Мидрашот и Таргумот, книгата е алегорија која ја претставува љубовта на Бог кон Израиловите деца. Во согласност со ова сфаќање, песната се чита од Сефардите и Мизрахите на Сабатната вечер и на таков начи ја симболизира љубовта меѓу еврејскиот народ и Бог, чиј симбол е, исто така, и самиот Сабат. Традиционалните Евреи ја читаат песната и во периодот на Хол Ха Моед за време на Пасхата, или на седмиот ден од празникот, кога се чита и Песната на морето (Исход 2:1-18).
Христијанска традиција
[уреди | уреди извор]Песната над песните не е спомната од ниту еден автор на Новиот завет, но возможно е на неколку места да се алудира на нејзе.
Ориген е првиот кој Песната ја гледа како алегорија на односот меѓу Христос и Црквата или меѓу Христос и верникот (погледни ги проповедите за Песната над песните напишани од Бернар од Клерво кои се некој вид на резиме на обилна патристичка и рано-средновековна егзегеза). Ваквата алегориска анализа подоцна ќе почне да се применува и за анализа на одредени делови од параболите на Исус.
Енкикликата на Папата Бенедикт XVI Deus Caritas Est (Бог е Љубов) од 2006 година, ја спомнува Песната над песните и во нејзиното буквално и во нејзиното алегорично значење, велејќи дека еротската љубов (eros) и само-откажувачката љубов (agape) е тука прикажана како две половина на една иста љубов, која истовремено дава и прима.[8]
Месијанско толкување
[уреди | уреди извор]Одредени анализи велат дека книгата е месијански текст,[9] при што Возљубениот, е, всушност, Месијата. Може да се однесува на Месијата, бидејќи често зборува за Давидовиот крал, Соломон. Натановото пророштво искажано во седмата глава од Втората книга Самоилова Архивирано на 8 мај 2008 г. вели дека Месијата ќе дојде од лозата на Давид. Секој Давидов крал бил гледан како потенцијален Месија, па тоа што Песната зборува за Соломон сигурно би ги пробудило кај народот месијанските надежи.[10] Кога песната пее за “најсилните од Израил” Архивирано на 11 март 2016 г., всушност нѐ потсетува на Давидовите луѓе (Втора книга Самоил 23 Архивирано на 8 мај 2008 г.). Опишувајќи го Возљубениот како “румен” (Песна над песните 5:10[мртва врска]) повторно се повикува на Давид (спореди со Прва книга Самоил 16:12 Архивирано на 10 март 2016 г.). Таргумскиот превод на арамејски, исто така, Возљубениот го гледа како Месијата што се чека да дојде.[11] Сите наводи на кралското потекло, на пастирувањето, на Давид, на Соломон и низа други одат во прилог на оваа теза.
Во Новиот завет, Исус тврди дека е Месијата и се претставува како поголем од Соломон (Евангелие по Матеј 12:42 Архивирано на 11 март 2016 г.) бидејќи, како градител на Храмот, Соломон е “очигледен Месијански модел”.[12]
Градината на кралот (на пример Песна над песните 5:1 Архивирано на 10 март 2016 г.) може да се гледа како приказ и на Еденската градина (Битие 2:8-25 Архивирано на 11 март 2016 г.),[13] повторно потсетувајќи на Месијата кој треба да ја врати Израилевата држава во рајска состојба. Љубовниците се портретирани како да ја имаат надминато одвоеноста продуцирана со првиот пад. Состојбата на жената чиј “копнеж ќе биде кон мажот твој” (Битие 3:16[мртва врска]) сега е во целост преиначена: „тој има желба по мене” („тој копнее по мене“) (Песна над песните 7:11 Архивирано на 10 март 2016 г.).[14]
Други толкувања
[уреди | уреди извор]Основниот тон на песната е љубовен, на места со еротска конотација: во Песната се употребуваат изрази кои може да се однесуваат и на сексуалната љубов. Возљубениот и Возљубената кои искажуваат најголем дел од љубовните пораки, ја изразуваат својата заемна љубов, копнеж и восхит. Обајцата доста детално ги опишуваат своите сакани. Физичкиот опис кој наизменично ги даваат двајцата љубовници често навлегува во смели детали. Честата употреба, пак, на изразот невеста наведува на помислата дека оваа песна, или барем некои нејзини делови, би можеле да се рецитираат при текот на венчавките.
Историчарите имаат забележано дека Песната над песните во одредена мера наликува на египетската љубовна поезија од 13. и 12. век пред наша ера, со песните кои ја опишуваат физичката привлечност на љубовникот, со песните кои искажуваат љубовен копнеж, восхит и пофалба.[15] Сличноста се огледува и во сетилните слики, кои не се богати само со визуелни детали, туку и со звуци, допири и ароматични мириси. Покрај ова, во Песната се наидува и на употребата на именките сестро и брате кои неретко се користат токму од Египќаните. Отсутноста на љубениот/љубената, како и «боледувањето од љубов» се уште две нешта кои им се заеднички на Песната над песните и египестките љубовни песни.
Феминистичките теоретичари Песната над песните ја гледаат како позитивен ример за приказ на сексуалноста и егалитарните односи меѓу мажот и жената во Библијата.[16]
Црквата на Исус Христос од светците од последните денови, најголемата група верници во рамките на Движењето на светците од последните денови, не ја признава авторитарноста на книгата,[17] без разлика што истата се вклучува во црковниот канон и во сите копии на Библијата.
Алузии
[уреди | уреди извор]Алузии во уметноста, литературата и музиката
[уреди | уреди извор]- Песната на Соломон - роман на Тони Морисон од 1997 година.
- Некои од иконите на кои е прикажана Богородица како црномуреста жена се пропратени и со еден стих од Песната над песните (1:5[мртва врска]): "Ерусалимски ќерки, црна сум, но убава..." На некои, оваа е напишано на латински: Nigra sum sed formosa.
- Кантатата бр. 140 на Јохан Себастијан Бах, иако воглавно заснована на Параболата за десетте девици, користи зборови и слики и од Песната над Песните.[18]
- Суламката од Емануел Шабрие, со текст на Жан Ришепин се заснова на Песната над песните.
- Кејт Буш има песна со наслов The Song Of Solomon (Песната на Соломон), која содржи стихови од песната и која се појавува на нејзиниот албум од 1993 година The Red Shoes (Црвените чевли).
- Песната ”Dark I Am Yet Lovely” (Црна сум, но убава) на Шинед О’Конор на албумот Theology (2007) содржи очигледни алузии на Песната над песните.
- Брајан Гисин го искористува преводот во верзијата на Кралот Џејмс за да ја напише својата cut-up песна Поема над поемите (1958-1961)
- Во Кантербериските приказни на Џефри Чосер, Песната неколкукратно се спомнува. Најзабележително е во Песната на мелничарот при обидот на Абсолон да ја заведе Алисон
Алузии во филмот
[уреди | уреди извор]- Nammukku paarkkaan munthiri thoppukal (Дојди, мил мој, да излеземе во полето, да преноќеваме по селата), е малјаламски филм (од Керала, Индија) го позајмува својот наслов од Песната над песните, 7:12.
- Мудроста на крокодилите, (попознат и како Бесмртност), ја парафразира Песната над песните, и тоа стиховите 3:6 и 4:3,5,7.
- Во Жената на прозорецот (1944) проф. Ричард Венли ја извлекува оваа книга од полиците во Клубот на џентлмените и седнува да ја прочита откако неговите пријатели си заминуваат
- Во Преминувањето на Милер (1990), Том Риген саркастично ѝ ја напомнува на Верна Бернбаум.
- Во мексиканскиот филм El crimen del Padre Amaro (Злосторството на Отец Амаро) (2002), (по сценарио на Висенте Лењеро, врз основа на хомонимниот роман од 1875 на Хосе Марија де Еса де Кеирош) кој ја обработува приказната за љубовта меѓу еден свештеник и една жена, Отец Амаро ѝ ја рецитира на својата љубена.
- Во Се случи еднаш во Америка (1984), филм на Серџо Леоне, Дебора Кели (Елизабет Мекговерн) му ја рецитира на 'Нудлс' (Роберт де Ниро).
Поврзано
[уреди | уреди извор]- 4Q106, 4Q107, 4Q108, 6Q6 (извадоци од песната во Мртвоморските свитоци)
- Hortus conclusus
- Саронски нарцис
Белешки
[уреди | уреди извор]- ↑ Текст за „Песна над песните“ на newadvent.org.
- ↑ Ралфс (уредник), Септуагинта, том 2, (Штутгарт: Германско библиско друштво, 1979), стр. 260.
- ↑ „Институт „Шехтер" за еврејски студии - Home page“. Архивирано од изворникот на 2007-10-16. Посетено на 2008-10-11.
- ↑ Библија (Свето писмо): Стариот и Новиот завет/ превод Д.Х.Константинов - Битола: Еуролибер, 1999 (стр. 699).
- ↑ Преведувањето на оваа суперлативска форма варира од превод до превод; таков е случајот и со македонските преводи. Во првото целосно издание во превод на современ македонски литературен јазик, издадено од Македонската православна црква во 1990 година, преводите се господар на господарите, крал на кралевите (види Петта книга Мојсеева, 10:17) односно старословенската генитивска варијанта свјатаја свјатих (Втора книга Мојсеева, 26:33); во случајот со преводот на д-р/д-р Душан Константинов додадено е д-то кај господар над господарите и крал над кралевите, а третиот превод е светилиштето над светилиштата; оттука, изгледа дека и преводот на насловот на Песна над песните може истовремено да биде и Песна на песните па дури и, во службена варијанта, Најубавата песна.
- ↑ Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 835-852.
- ↑ Герет, Дуејн А. Песна над песните. Word Biblical Commentary 23B. Нешвил: Nelson, 2004, стр. 15.
- ↑ Папата Бенедикт XVI. (2005). Енкиклично писмо: Deus Caritas Est (дел 1, секција 6). Libreria Editrice Vaticana.
- ↑ Џејмс Хемилтон “Месијанската музика на Песната над песните”, Westminster Theological Journal 68 (2006): стр. 333.
- ↑ Ibid., 336.
- ↑ Сигмунд Мовинкел, Оној што доаѓа (He That Cometh), (Њујорк: Abingdon Press, 1954), стр. 283.
- ↑ Н. Т. Рајт, Исус и победата на Бог (Jesus and the Victory of God), (Минеаполис: Fortress Press, 1996), стр. 535.
- ↑ Френсис Ленди, Песната над песните и Еденската градина (The Song of Songs and the Garden of Eden), Journal of Biblical Literature 98:4 (декември 1979): стр. 524.
- ↑ Џејмс Хемилтон, op. cit., стр. 344.
- ↑ М. В. Фокс Песната над песните и древните египетски љубовни песни (The Song of Songs and Ancient Egyptian Love Songs). University of Wisconsin Press, 1985.
- ↑ Дејвид Кар. Еротскиот свет (The Erotic Word). Oxford University Press јануари 2005.
- ↑ Библиски речник: Песната на Соломон
- ↑ Герхард Херц (1972). Бах: Cantata No. 140. W.W. Norton and Company.
Користена и препорачана литература
[уреди | уреди извор]- Garrett, Duane A. Song of Songs. Word Biblical Commentary 23B. Nashville: Nelson, 2004.
- Linafelt, Tod. "Biblical Love Poetry (...and God)". Journal of the American Academy of Religion 70 (2) 2002.
- Pope, Marvin H. Song of Songs: A New Translation with Introduction and Commentary. Anchor Bible 7C. 2 volumes. Garden City, New York: Doubleday, 1977.
- Theo Kobusch, Metaphysik, C. Metaphysik als Exegese des Hohenliedes, in Der Neue Pauly, Band 15, La-Ot, Stuttgart Weimar 2001.
- Canticum Canticorum. Eloge De L'amour. La Cantique Des Cantiques à la Renaissance,Capilla Flamenca, 2004 (Eufoda 1359).
- Оваа статија содржи текст Истонов библиски речник, издаден во 1897 г. Ова дело е во јавна сопственост.
- Wilfrid Harrington, Uvod u Stari Zavjet, Zagreb
- Иво Андрић, Историја и легенда, есеји I, Београд
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]Македонски преводи:
- Песна над песните — Стандардна библија на македонски, 2006 г.
Еврејски преводи и коментари:
- Превод со коментари од Раши на Chabad.org.
- Еврејска енциклопедија: Песна над песните.
Христијански преводи и коментари:
- Онлајн Библија на GospelHall.org.
- Песната над песните на Bible Gateway (неколку верзии)
- Католичка енциклопедија
- Кратко толкување на Песната на Соломон од Х. Спекард. Архивирано на 21 мај 2008 г.
|
|
Статијата „Песна над песните“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии). |